Епископот бачки Иринеј: Односите со МПЦ-ОА се братски


 

Епископот бачки Иринеј изјави дека односите на Српската Православна Црква (СПЦ) со Македонската православна црква – Охрид (МПЦ-ОА), на која СПЦ неодамна и ја призна автокефалноста, се братски, јави дописникот на МИА од Белград.

Владиката Иринеј во интервју за магазинот „Печат“ вели дека суштински, егзистенцијално и духовно тие биле, се и ќе бидат една Црква. Тој оценува дека е лага забелешката дека СПЦ ги „предаде и продаде“ своите Немањички светилишта на југ и посочува дека Томосот за автокефалност јасно и гласно кажува дека „СПЦ ѝ го отстапува на користење своето историско наследство на новата автокефална црква“.

Додава дека самопрогласените критичари го занемаруваат фактот дека Српската православна црква немала пристап до нејзините јужни епархии од 1941 година до неодамна и дека денес сите српски архиереји, почнувајќи од патријархот, имаат пристап до секое светилиште во Северна Македонија и сите архиереји од Северна Македонија имаат пристап до сите српски свети места низ светот.

-Статусот на Црквата во Северна Македонија е канонски целосно и правилно регулиран. Исполнети се два главни услови: не помина тезата дека Српската православна црква мора едноставно да го признае пучот, односно самопрогласената автокефалност (1967), а од друга страна, таа на дело покажа дека нејзин приоритет е единството на Црквата и спасението на душите и совеста на околу два милиони верници, а не некакви парцијални интереси, истакнува Иринеј.

Тој посочува дека критиките во Србија поврзани со недоволно разјаснетата канонска основа на признавањето на МПЦ „немаат основа ниту во црковното право, ниту во еклисиологијата воопшто“, туку само сведочат за ставовите и мислењата на еден број интелектуалци, повеќето од нив добронамерни, но не и теолошки компетентни.

-Ќе бидам отворен колку што сум брутално искрен: оние кои го напишаа отвореното писмо до Светиот архиерејски синод на СПЦ и му порачаа што има, а на што нема право, покажаа само едно, дека малку знаат за природата и мисијата на Црквата, вели Иринеј.

Објаснува дека статусот на една помесна црква е прашање на сеправославен консензус и прифаќање, но дека притоа се тргнува од Мајката Црква, во овој случај од Цариградската Патријаршија.

Иринеј истакнува дека тоа е канонска норма и историска практика и вели дека сите понови автокефални цркви добиле автокефалност по иницијатива на својата Мајка Црква, а тоа е Големата Христова црква во Цариград, на чија јурисдикција претходно и припаѓале, и дека потоа следела перцепцијата од други православни цркви.

-Токму така и ние постапивме: првично дадовме автокефалност, а потоа ги известивме сите – по чин или по диптих, од Цариград до Тирана и Прага, односно Прешов, за понатамошна постапка, подвлекува Иринеј.