Емисијата „КОД“ со серијалот за тендери во енергетскиот сектор добитници на наградата „Никола Младенов“


Серијалот истражувачки стории за тендери во енергетски сектор објавени на емисијата КОД ја добија првата новинарска награда „Никола Младенов“ што ја доделува Македонскиот институт за медиуми. Како второрангирана најдобра истражувачка сторија на конкурсот се избрани серија текстови за Државна Лотарија објавени на Радио Слободна Европа од новинарот Петар Клинчарски. Третата награда ја доби Истражувачката репортерска лабораторија за истражувањето „Украдени животи“.

Наградата најиновативен новинарски производ годинава ја подели тимот на ИРЛ за новинарскиот проект мобилна редакција Кичево и тимот на КОД за видео сторијата посветена на грабнувањето и убиството на малата Вања.

Наградата најдобра репортерска фотографија замина во рацете на фотографот Ѓорѓи Личовски, за фотографијата „Ловец на Метеори“.

Беа доделени и повеќе пофалници за истакнат ангажман на новинарите Мирослава Симоновска, Мери Јордановска и Антонија Јаневска, Билјана Николовска Тодорова, Александар Димитриевски, Александар Методијев и Сузана Мицева.

Годинава на конкурсот пристигнале 36 стории за најдобра истражувачка сторија, пет теми во категоријата најиновативен новинарски производ и 16 фотографии во категоријата најдобра репоретерска фотографии. Жири комисијата била во состав на Милка Смилевска, Емилија Петревска Камењарова, Синиша Станковиќ, Бесим Небиу и Билјана Петковска.

На добитниците им беше врачен сертификат и парична награда од 60.000 денари поединечно за првонаградените во сите три категории, 40.000 денари за второнаградената и 20.000 денари за третонаградената истражувачка сторија. Никола Младенов, сопственик и главен уредник на неделникот „Фокус“, кој се сметаше за еден од најугледните новинари во Македонија, загина во сообраќајна несреќа на влезот од Скопје, ноќта на 26 март 2013 година.

Македонскиот институт за медиуми одлучи во негова чест да ја именува наградата за најдобра истражувачка сторија на годината, која се доделува од 2001 година, да го носи името Награда за најдобра истражувачка сторија на годината „Никола Младенов“.