Емил Угриновски е новиот сопственик на „Мош“, ќе се реновира и ќе има нов концепт за работа


Ноќниот клуб „Мош“ од неодамна има нови сопственици. Во купопродажна трансакција бизнисменот и основач на „Неуромедика“ –  Емил Угриновски заедно со бизнис партнер од Скопје стекнале 95% од сопственоста на локалот. Останатите 5 отсто остануваат во сопственост на претходните менаџери на „Мош“. 

Неофицијално, купопродажбата е направена пред две седмици, реновирањето на локалот ќе започне наскоро и пред почетокот на зимата тој ќе треба да понуди нови содржини и нов концепт за работа. Според информациите новиот концепт на „Мош“ ќе биде направен по теркот на популарните белградски локали. Освен секојдневна вечерна програма „Мош“ ќе функционира и со денски „лаунч“ концепт. 

Изминатиот период клубот беше на удар од јавноста и општински служби. Поради гласната музика, а по реакциите на граѓаните, инспекциите служби на Општина Центар во неколку наврати изрекуваа парични санкции.