Екстремен топлотен бран на Балканот, урнати рекорди. Уште колку ќе трае

Според прогнозите на глобалните временски модели, високите температури на Балканот ќе останат цел јули. За жештините е виновна топлинската купола


 

Топлотниот бран кој повеќе од 10 дена трае на целиот Балкан, продолжува. Целиот Балкан и делови од Источна Европа се под топлотен бран од почетокот на јули, а се предвидува дека горештините ќе траат уште две недели, пишува метеоролошката служба Severe Weather Europe.

Ова е историски топлотен бран со дневни температури кои го надминуваат прагот од 40°Ц. Најинтензивен е на Балканскиот Полуостров и Источна Европа. Морињата во медитеранскиот регион исто така стануваат жешки и на места достигнуваат 30°Ц.

„Според прогнозите на глобалните временски модели, температурите ќе останат далеку над просекот низ јужна и источна Европа во текот на јули. За Балканскиот Полуостров се предвидуваат рекордни вредности за оваа недела“, пишува SWE. Температурите достигнаа над 30 степени во многу области, а над 40 степени се забележани во Романија, Србија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Грција во последните денови.

 

Највисоката минимална температура досега забележана во Србија

Во Србија, пишува SWE, забележани се историски горештини. Метеоролошката станица во Вршац (североисточна Србија) забележа минимални температури од 30,6°C во саботата и 31,2°C во неделата, што е највисока минимална температура досега забележана во Србија.

Главниот град на Србија, Белград, забележа минимална температура од 27,3°C во саботата и 27,5°C во неделата. Овие вредности се исто така многу блиску до рекордни високи.

Високи ноќни температури се забележани и во соседните земји, како што се Хрватска, Босна и Херцеговина, Романија и Северна Македонија. Грција, исто така, забележа дека минималната температура не се спуштила под 30°C на некои станици за време на викендот.

 

Топлотниот бран ќе трае уште 7-10 дена

Јули е познат како најтоплиот месец на летото, но температурите деновиве и следните 7-10 дена ќе бидат значително повисоки од просечните. Дневниот просек во многу региони ќе биде за околу 10 степени повисоки од просечните, најавуваат од SWE. Додаваат дека за ваквата состојба е одговорна топлинската (термална) купола.

 

Што е топлинска купола?

Топлинска купола е метеоролошки феномен во кој голема маса топол воздух е заробена над одредена област, предизвикувајќи екстремни температури. Нормално, топлиот воздух, кој е поредок од студениот воздух, има тенденција да се крева нагоре. Сепак, силен систем со висок притисок може да го спречи ова подигање и ширење и да го принуди топлиот воздух да остане заробен во близина на површината во одредена област.

Во оваа смисла, системите со висок притисок делуваат како капак или купола над одредена област. Атмосферскиот физичар Бранко Грисогоно, професор на ПМФ во Загреб, толкува дека „зголемената суспензија во силно антициклонско воздушно поле не дозволува длабока влажна конвекција и испарување, но со својот силен ‘капак’ го прави спротивното – го инхибира мешањето и вентилацијата на воздухот“.

„Ова најчесто се случува кога млазната струја, поларна или суптропска, е премногу слаба, а ова слабеење е нешто што се случува во овие моментални климатски промени“, додава Грисогоно, пишува „Индекс.хр“.

Маѓепсан круг

Сончевата енергија ја загрева земјата, а таа загреана земја потоа го загрева воздухот над неа. Без можност за издигнување и растурање, загреаниот воздух останува блиску до земјата, каде што продолжува да се загрева. Се кондензира под куполата, и како што неговата вкупна топлина е заробена во помал волумен, неговата температура дополнително се зголемува.

Високиот притисок го спречува и формирањето на облаци и врнежи, што значи дека просторот под термалната купола останува сув и сончев, што, пак, дополнително ја зголемува температурата.

Еден од екстремните примери на топлинска купола се случи во 2021 година во Северна Америка, кога западните делови на САД и Канада забележаа рекордни температури над 40 °Цѝ. предизвикувајќи бројни здравствени проблеми на луѓето и шумски пожари.