Експертите советуваат: Најздрави се локалните производи


Во земјата има многу производители на храна и практично е невозможно сите да се проверат

Експерти по безбедност на храна, лекари, професори, претставници на референтни институции, истражувачки центри за храна од целиот свет учествуваат во работата на мултидисциплинарниот конгрес на тема „Квалитет и безбедност на храна, здравје и нутриционизам“ во Охрид. Самите експерти се согласни дека прашањето колку е безбедна храната во нашата земја е комплексно и зависи од многу фактори.

– Она што е проблем кај нас е што има многу производители на храна, од мали до многу големи. Практично е невозможно надлежната Агенција за контрола на храната да земе примероци и да ги провери сите производи, тоа се огромни трошоци. Затоа се земаат мостри по случаен избор, некаде околу два процента од севкупната понуда, но колку е тоа доволно за да се извлече заклучок дали храната е безбедна? Единствениот и најдобар начин потрошувачите да дознаат каква храна консумираат е сами да се информираат, и тоа не преку Фејсбук, туку преку стручни лица и релевантни институции – изјави Владимир Какуринов.

Тој во оваа пригода ги нагласи позитивните аспекти на консумирањето локална храна, преферирањето прехранбени производи од ова подрачје, од повеќе причини. Се работи за незагадени производи и додаде оти тие се најсоодветни на веќе создадената микрофлора во самиот организам.

– И претседателот на Светската нутриционистичка организација токму тоа го нагласи, граѓаните да јадат храна произведена тука, карактеристична за ова поднебје. Да се избегнуваат помодарски навики на консумирање продукти, на пример, свежа или сушена морска риба, морски плодови, кога се знае дека Македонија не излегува на море и оттаму нашата цревна флора не е навикната на таква храна – истакна Какуринов.

Џенгис Јашар, доктор по патологија кој го презентираше својот научен труд за улогата на бактериите во цревната флора во развојот на карцином на дебело црево, посочи предупредувачки статистички податоци, на зголемена појава на тој вид болест во земјата. Параметрите покажуваат зголемување на бројот на пациенти со малигни заболувања, конкретно на дебелото црево, што е последица на нездрави животни навики, но секако и од несоодветна исхрана. Наспроти периодот од пред дваесетина години кога годишно биле регистрирани до 150 пациенти со дијагностициран карцином на дебело црево, сега тој број достига околу 500 случаи на годишно ниво.

– Генетски модифицираната храна има свој удел во тоа, оттаму што доведува до интеракција со бактериската флора кај локалното население, препознавајќи ја како несоодветна… Ние сме поднебје што е дефинирано како автохтоно, според начинот на кој се произведува храната, со формиран одреден микробиом во организмот кој знае како да ја процесира храната. Сè што е ново, модифицирано, што не припаѓа на ова поднебје, нашиот организам ќе го прими поинаку – рече тој.