Експерти: Против климатските промени нема вакцина


Светот мора да одговори со истата итност на климатските промени, како и на кризата со коронавирусот, соопшти Црвениот крст, предупредувајќи дека глобалното затоплување претставува поголема закана од Ковид-19.

Иако пандемијата беснее, климатските промени не запреа со деструктивни активности, се вели во новиот извештај на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC). Во извештајот за глобалните катастрофи од 60-тите години на минатиот век до сега, организацијата со седиште во Женева истакнува дека светот бил погоден од повеќе од 100 катастрофи, од кои повеќето биле поврзани со климата. Повеќе од 50 милиони луѓе биле погодени, се вели во документот.

– Се разбира, Ковид-19 е меѓу нив, тој е пред нас, влијае на нашите семејства, на нашите пријатели, на нашите роднини, изјави генералниот секретар на IFRC, Џаган Чапагаин на објалн прес-конференција.

– Кризата со која се соочува светот во моментов е многу, многу сериозна криза, рече тој за пандемијата, која веќе однесе повеќе од 1,3 милиони животи. Но, тој предупреди дека IFRC очекува „климатските промени да имаат позначајно среднорочно и долгорочно влијание врз човечкиот живот и на Земјата“.

И, иако изгледа дека наскоро ќе бидат достапни една или повеќе вакцини за коронавирусот, Чапагаин истакна дека „за жал нема вакцина за климатски промени“.

Што се однесува до глобалното затоплување, тој предупреди дека „ќе бидат потребни многу поодржливи активности и инвестиции кои навистина ќе го заштитат човечкиот живот на оваа Земја“.

Зачестеноста и интензитетот на екстремните метеоролошки и климатски настани значително се зголемија во последните децении, соопшти IFRC. Само во 2019 година, светот беше погоден од 308 природни катастрофи – 77 проценти од нив беа поврзани со климата или времето – во кои загинаа околу 24.400 луѓе. Бројот на катастрофи поврзани со климата и временски непогоди постојано се зголемува од 60-тите години на минатиот век и се зголеми за скоро 35 проценти од 90-тите години на минатиот век, соопшти IFRC. Во изминатата деценија, катастрофите поврзани со временските непогоди и климата убија повеќе од 410.000 луѓе, повеќето од нив во посиромашните земји, а топлотните бранови и бурите беа најсмртоносни, се вели во извештајот. Соочени со оваа закана, која „буквално го загрозува нашиот долгорочен опстанок“, IFRC ја повика меѓународната заедница да постапи со неопходната итност.

Се проценува дека потребни во текот на следната деценија ќе бидат потребни околу 50 милијарди долари годишно за да им се помогне на 50 земји во развој да се приспособат на климата која се менува. IFRC нагласи дека оваа сума „се чини мала во однос на глобалниот одговор на економското влијание на Ковид-19“, што веќе надмина 10 трилиони долари. Организацијата, исто така, се жали дека голем дел од парите досега инвестирани за да се спречат и ублажат ефектите од климатските промени, не одат во најранливите земји во развој.