Експерти од Алибаба, Спотифај и Вибер доаѓаат во Македонија
Подготовките за најголемата конференција за е-трговија во Македонија, која оваа година по четврти пат ќе се одржи на 12 ноември под мотото „Ready, set, grow!”, се во полн ек. И годинава, конференцијата за е-трговија ќе биде место каде што сите присутни ќе можат да ги прошират своите знаења во областа на е-трговијата, како и да се запознаат со домашните и странски експерти од областа на е-трговијата, дигитализацијата, е-плаќањата и дигиталниот маркетинг.
Во, досега најбогатата програма, конференцијата ќе биде домаќин на преку 25 домашни и странски експерти од 10 различни држави во светот, кои ќе го пренесат своето искуство и знаење преку клучни говори, панел дискусии и неформални разговори, на различни теми поврзани со можностите за раст на бизнисите во е-трговија, по многубројните адаптации што беа направени речиси во сите сфери на работењето, како одговор на глобалната пандемија.
Директно од големиот светски гигант Алибаба („Alibaba Group“), на конференцијата ќе говори директорката за глобални клучни клиенти, Шарон Гаи, која ќе ја пренесе својата експертиза за развојот на социјалната е-трговија и лекциите научени од Кина. Своето искуство пред присутните ќе го претстави и Константин Костадинов од комуникациската платформа Вибер („Rakuten Viber“), кој работи како Директор на продажба за Централна и Југоисточна Европа и кој ќе зборува за моќта на апликациите за разговор и тоа како да ги вклучите корисниците и да постигнете успех со помош на дигиталниот маркетинг.
Листата на еминентни говорници на конференцијата е збогатена и со претставник од можеби најпопуларниот бренд во музичката стриминг индустрија, Ана Горка, која како партнер за Балканот во Спотифај(„Spotify“) на публиката ќе им ги доближи можностите за рекламирање на Спотифај и како тоа може да помогне за градење свест за вашиот бренд.
Конференцијата годинава ќе се одржи во хибриден формат, односно учесниците ќе имаат можност да одберат дали преферираат учество на конференцијата со физичко присуство во хотел DoubleTree by Hilton, со следење на сите актуелни протоколи против ширење на пандемијата, или пак да ја следат конференцијата преку интернет, од удобноста на својот дом или на работно место.
Картите веќе се пуштени во продажба по специјална цена од 199 евра за физичко присуство и 49 евра за онлајн следење на конференцијата.
Генерален партнер на конференцијата и оваа година е Мастеркард, додека А1 Македонија е дигитален партнер, а Фондот за иновации и технолошки развој ја поддржува конференцијата како организациски партнер. Конференцијата е поддржана од голем број компании, а меѓу нив се Касис и Пејтен како златни спонзори оваа година.
Повеќе информации за агендата и сите останати детали поврзани со конференцијата се достапни на официјалната веб страница на конференцијата: https://ecommerceconference.mk/