ЕК утре ќе предложи преговори за членство со Украина, Молдавија и – со БиХ

Според „Политико“, Брисел го засилува својот ангажман со балканските земји пред кризниот самит на лидерите на ЕУ


 

Преговори со Украина и Молдавија во март идната година, можна одлука за започнување на преговорите за членство со БиХ и кандидатски статус за Грузија – се очекуваните најави околу утрешното објавување на извештаите на ЕУ за земјите кандидати за членство, меѓу кои и за Македонија. Она што е тема за нас, бидејќи одлука за преговори има за Македонија и само се чекаат уставните промени, е каква ќе биде оценката за судството и измените во Кривичниот законик кои ги урнаа повеќето од случаите на СЈО.

Гласините за зеленото светло за БиХ  не поминале добро кај некои дипломати на ЕУ, кои налутено укажале на назадување на Босна и Херцеговина во однос на владеењето на правото.

„Ние на Босна ѝ доделивме кандидатски статус под премисата дека тоа ќе ги поттикне реформите и оттогаш видовме само влошување на владеењето на правото и на политичката ситуација. Како можеме сега да одлучиме да ги отвориме преговорите со нив, а сепак да очекуваме другите земји-кандидати ревносно да ги направат своите реформи?“, изјавил за „Политико“ дипломат на ЕУ.

Неофицијално, имало муртење и за предлогот на Комисијата на Грузија да ѝ се даде кандидатски статус и покрај нејзината проруска наклонетост.

Според „Политико“, Брисел го засилува својот ангажман со балканските земји пред кризниот самит на лидерите на ЕУ, кои го имаат последниот збор дали да продолжат со предлозите на ЕК околу проширувањето. Се шират и шпекулации дека балканските лидери ќе се сретнат со нивните колеги од ЕУ на специјален самит во Брисел на 13 декември – ден пред самитот на Европскиот совет. Очите на Балканот сепак се вперени, според „Политико“, кон Србија, која се бори за влез во ЕУ од самитот во Солун во 2003 година. Црна Гора е фаворит во однос на  шансите да стане 28-та земја-членка на ЕУ, како што посочи претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен во неодамнешната посета на Подгорица. Главната пречка е назначувањето на тројца високи раководители на судството од страна на националниот парламент, за што нема мнозинство. Правилата на ЕУ не ѝ дозволуваат на Црна Гора да затвори други поглавја за пристапување додека не ја расчисти оваа пречка.

Според она што го објавија проопозициските медиуми во Македонија, во извештајот за нашата држава очекувано има негативни оценки за борбата против корупцијата, а во тие рамки и за  злоупотребата на „европското знаменце“, организираниот криминал и немањето на реформи во правосудниот систем. Во извештајот, според нив, стои дека „европското знаменце треба да се користи кога се гласаат закони кои за главна цел имаат усогласување со европската регулатива, а не за да се заобиколи јавната дебата за важни прашања“. Во извештајот стоело исто така дека нема напредок во борбата против корупцијата од последниот лански извештај на комисијата.

,,Земјата е на умерено ниво на подготовка во превенција и борба против корупцијата.
Не е постигнат напредок”, ќе стои неофицијално во извештајот за Македонија. Според оценката, корупцијата останува распространета во многу области и е прашање за загриженост, а одложувањата и пресвртите во судења на случаи на корупција на високо ниво се зголемени, што резултира со застареност на некои случаи. Исто така, наводно стои дека Кривичниот законик бил изменет преку забрзана собраниска процедура, а максималните законски казни за специфичен криминал поврзан со корупција биле намалени, што има импликации врз примената на застареноста и влијае на голем број случаи на тековната корупција на високо ниво. Според извештајот, ова ја попречува способноста на властите да ги истражи и гони таквите дела во иднина.

За Државната комисија за спречување на корупција стои дека била проактивна во обезбедувањето на јавните институции со насоки за политики за спречување на корупцијата, дека се отвориле неколку случаи, но нивните препораки треба ефективно да се следат.

„Напорите за подобрување на функционирањето на ДКСК треба да продолжат, особено до доделување дополнителни средства за регрутирање на специјалистички кадар, а дополнителни човечки ресурси и финансиски средства исто така треба да се стават на располагање на ОЈО, истражните центри и на извршните единици задолжени за истрага за корупција“, се цитира извештајот.

Главната вест околу извештаите, сепак е Украина, за која во регионот има чувство дека се турка на брза лента во Унијата, наспроти земјите тука, што е веројатно и причината зошто БиХ влезе во „игра“. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен изјави од Киев во текот на викендот дека Украина „веќе завршила над 90 отсто“ од барањата. Иако постои загриженост дека 90 отсто не е 100 отсто, украински извори изјавиле за Еуроњуз дека слушаат „позитивни сигнали“ од Брисел.

„Треба да се каже дека Украина навистина постигна огромен напредок во однос на критериумите на ЕУ за пристапување. Би рекол поголем напредок од која било друга кандидатка, држава или земја кандидат-кандидат“, оцени професорот Џон О’Бренан за Еуроњуз. „И на некој начин е уште повпечатливо, бидејќи тие го направија ова во контекст на борбата за своите животи, буквално“.

И покрај оптимистичката перспектива, прашањето за таканаречената „деолигархизација“, каде што од Киев се бара да преземе робусни мерки за да го отстрани влијанието на моќните олигарси од политичкиот систем, предизвикува загриженост со оглед на тамошната сложена политичка култура.

 „Овој процес започна и Украина постигна вистински напредок. На пример, пред многу месеци  шефот на Врховниот суд во Украина беше уапсен и пронајден со милиони евра. За мене тоа беше показател за вистинската сериозност на оваа украинска влада во прогонот на луѓе, без разлика дали тие беа дел од јавниот сектор или беа приватни олигарси. Исто така, постои загриженост дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе го блокира процесот доколку не дојде до задоволително движење по прашањето за јазичните права на малцинствата – особено унгарските малцинства кои живеат во Украина блиску до унгарската граница. Она што го прави Орбан е да го поттикне етничкото малцинство во Украина да се жали, да протестира и да сугерира дека се дискриминирани“, рече О’Бренан.

Според него Унгарија се фокусира на таканаречените јазични закони кои беа воведени во Украина во 2017 година за да обезбеди дека јазиците на малцинствата, како што е унгарскиот да може да се користи во училишниот систем. Будимпешта денес најави дека нема да дозволи отворање на преговорите за пристапување на Украина во Европската унија „сѐ додека во земјата се почитува контроверзниот закон за јазици“.