ЕК препорачува заеднички кодови за зоните погодени од Ковид-19 во ЕУ


Европската Комисија бара од земјите членки подобра координација на боите на зони погодени од Ковид-19 за да се избегнат рестрикциите врз слободата на движење во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Комисија (ЕК) смета дека земјите членки не се доволно координирани во однос на рестриктивните мерки што негативно се одразува врз слободното движење како и врз довербата на граѓаните и на бизнисите, објаснија попладнево еврокомесарите за правда и за внатрешни работи, Дидие Рејндерс и Илва Јохансон.

Поради ова, Комисијата им поднесува препорака на земјите членки, која ќе се дебатира во наредните недели, за поставување заеднички критериуми и дефиниции за патување низ ЕУ. Па така, ЕК сака да види хармонизација на зонските кодови на зелени, портокалови, црвени и сиви.

Препораката е како зелени зони да бидат обележани регионите, земјите или градовите со помалку од 25 нови случаи дневно во текот на 14-дневен период и стапка на позитивни тестови под три отсто.

Портокаловите зони би биле оние со помалку од 50 нови случаи дневно, но со стапка на позитивни тестови под три отсто, или нови случаи помеѓу 25 и 150 но со стапка на позитивни тестови под три отсто.

Црвените зони би се дефинирале како зони со повеќе од педесет случаи дневно во текот на 14-дневен период и стапка на позитивни тестови над три отсто, или пак места каде целокупниот број на нови случаи е 150 во текот на две недели.

Сивите зони се дефинираат како зони со недоволни податоци.

Врз основа на овие заеднички критериуми, Европската Комисија се надева дека ќе успее да воведе поефикасна координација помеѓу земјите членки на ЕУ.

Според препораките на европската извршна власт, земјите членки треба еднакво да ги третираат сите зони. За граѓаните кои доаѓаат од зелени зони не смее да има рестрикции, за оние од портокалови зони исто така без рестрикции врз движењето, но со опција за барање тест. За црвените и сивите зони пак, земјите членки би смееле да воведат ограничување врз слободното движење, но само доколку истите рестрикции важат за сите други црвени зони во ЕУ, вклучително и црвените зони во самата држава која ги воведува ограничувањата, со што треба да се запази принципот на недискриминација на ЕУ.

-Сакаме да го заштитиме правото на слободно движење кое е едно од најскапоцените успеси на ЕУ, и затоа, кога станува збор за рестрикции граѓаните треба да бидат добро информирани а Унијата од блиску да соработува, изјави еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс.

Европската Комисија смета дека граѓаните и бизнисите треба да имаат поголема предвидливост кога станува збор за ограничувањата во ЕУ, а земјите членки да не ја користат кризата за да го прекршуваат правото на ЕУ.

-Луѓето заслужуваат да имаат на време доволно информации, сакаме граѓаните да имаат доволно податоци за да можат на време да си ги планираат животите, изјави еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.

Предвидливоста на мерките се важни, вели ЕК, за да се минимизираат негативните социјални и економски последици од рестрикциите.