Ефикасноста и транспаретноста при јавните набавки главни слабости кај полошките општини


При трошењето јавни средства голем дел од општините во Тетовско и Гостиварско не успеваат да реализираат ни половина од планираните јавни набавки, немаат јасен систем за следење на спроведувањето и претежно не ги објавуваат на интернет страницата. Ова се сублимираните наоди од истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ) од Скопје спроведено во периодот од септември – декември 2018 година во врска со јавните набавки од општинските буџети во Полошкиот плански регион во текот на 2017 година.

-Најголема реализација имаат општините Јегуновце (96 проценти од планираните јавни набавки) и Теарце (81 процент од планираните јавни набавки) Тетово има реализирано 35 проценти од планот за јавни набавки, Боговиње 40 проценти, додека најмалку Брвеница-20 проценти од планот за јавни набавки во 2017 година. Во текот на годината, при реализацијата на набавките општините немаат доволно средства да ги реализираат планираните набавки и поради тоа се јавува голема разлика помеѓу планираните набавки и реализираните јавни набавки. Ниту една од анализираните општини нема формирано јасен систем на следење на реализацијата односно исполнувањето на јавните набавки, изјави истражувачот Дарко Спасевски.

Транспарентноста е проблем за општините, се забележува во истражувањето.

-Сите општини во најголем дел ги почитуваат своите обврски за доставувања на известувања до Бирото за јавните набавки. Со оглед на фактот дека интернет страницата на општината е првиот контакт на граѓаните со општината, со цел постигнување на транспарентност, препорачливо е да се објавуваат овие известувања и на интернет страниците на општините, истакнуваат од ИСИЕ.

Од добиените податоци може да се заклучи дека во 2017 година на јавни набавки од страна на деветте општини како договорни органи се потрошени скоро 410.000.000 денари односно 6,8 милиони евра. Најмногу средства за јавни набавки потрошила Општина Тетово односно скоро 240.000.000 денари додека најмалку пари за јавни набавки потрошила Општина Боговиње, односно околу 5.600.000 денари.