Едноставноста е луксуз: Џет-сетот на ревијата на Кокев (галерија)

Како да бидете едноставни, а елегантни налето? Новата колекција на дизајнерката Тања Кокев не носи на модно патување обоено со луксуз во егзотични предели, каде наместо чај, се служи вино, каде префинетоста е над нападноста, каде квалитетот не се мери со славна етикета, туку со мајсторството на изработката и избраните материјали.

Синоќа, хотелот „Мериот“ во Скопје беше модна оаза, со впечатлива сценографија, каде јавето се мешаше со сон, со убави млади дами кои уживаа во новата манекенска улога, со перфектни модни детали, шминка и фризура.

Кокев, на ревија, „режирана“ како театарска претстава, со шанк и сепаре, со својата енергичност и визија, пак ги собра кај себе познатите дами од сите сфери на живеење и понекој господин, кои со пијалак уживаа во модните парчиња и во муабетите кој, како, зашто и каде. И дојдоа бизнисменки, политичарки, министерки, поп-ѕвезди, пи-ар експертки, докторки, архитектки..

„Ако на нешто (требаше да) нѐ научи новото време, или популарно нарекувано „новото нормално”, е тоа дека треба да почнеме да ги вреднуваме повеќе нештата кои досега ги сфаќавме здраво за готово. Дека треба да се стремиме кон умереноста и едноставноста, во сите аспекти на живеењето, рече Тања Кокев во претходно интервју за „Независен“.

Она што го прави Кокев со новата летна колекција „Пустинска роза“ е токму тоа – апелира на едноставност, смиреност и умереност. Тоа не значи дека Кокев отстапува од себе, туку напротив, сето свое досегашно искуство, знаење и присуство на црвените килими, го адаптира на современите потреби на младите и храбри жени, кои успешно жонглираат во текот на едно деноноќие со целиот свој багаж на обврски, рокови, задачи, проблеми…

Новата линија е носива, природна, неусилена и едноставна за комбинирање. Новите парчиња ви дозволуваат да бидете слободни и да ја прекршите наметнатата детерминираност. Во нив, а и со нив, можете да експериментирате и да ги адаптирате на себе и на вашите потреби во новото време.

И за крај на ревијата- долга вечерна тоалета која треба да асоцира на венчаница , или пак само едно луксузно парче кое сите жени го посакуваат по „сушните“ пандемиски години.