Едноцифрените рејтинзи биле причина за блокада на Изборниот законик. Но можеби и падот во анкетите на ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ во редовната утринска тура на соопштенија објави дека лошите едноцифрени рејтинзи „на ниво на статистичка грешка на СДС, Левица и ДУИ е причина што го опструираат и го блокираат новиот Изборен законик“.
И објаснуваат дека Левица, откако увидела дека рејтингот им се намалува и не им оди како што посакуваат, со непотпишувањето на договорот за носењето на ИЗ, се обидуваат пред своето членство да се покажат како тврдокорни кои не прават компромис.
„СДС како добар препишувач, откако видоа дека Левица го блокира законот, смислија начин како да го блокираат ИЗ со поднесување на 10 илјади амандмани, со изговор дека гласањето на дијаспората по електронски пат бил недемократски и неевропски чин“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во Македонија има малку анкети (освен оние што се прават за внатрешни потреби на партиите, а особено во ВМРО-ДПМНЕ). На неколку месеци агенцијата „Маркет вижн“ прави анкети по нарачка на порталот „Мкд.мк“. Последната анкета направена од 10 до 27 јуни го покажа она што се знаеше – дека ВМРО-ДПМНЕ е во големо водство, а другите партии се далеку зад него.
Но она на што помалку се обрна внимание во нејзиното претставување во јавноста е дека ВМРО-ДПМНЕ изгубило неколку проценти поддршка од преходната анкета на „Маркет вижн“ во март.
Во анкетата што „Мкд“ ја објави во март поддршката за ВМРО-ДПМНЕ беше 24 отсто, а на оваа направена во јуни таа е намалена за релативно големи 3,5 проценти и изнесува 20,5. Три проценти за три месеци не е мала бројка, па можеби и таму треба да се бара инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ дијаспората да биде вклучена во електоронско гласање затоа што верува дека таа им е повеќе наклонета.
Кај СДСМ има еден чекор напред во анкетата од јуни, иако бројките за партијата се прилично скромни. Во јуни, според анкетата на „Маркет вижн“ поддршката за СДСМ е 6,2 отсто, додека во март била 4,9 отсто, што е подобрување за 1,3 процентни поени. Во проценти на намалување и зголемување тоа изгледа вака – ВМРО-ДПМНЕ загубил 14,5 отсто од поддршката, а СДСМ ја зголемил за 20,9 проценти за три месеци. Или во размер: предноста на ВМРО-ДПМНЕ во март била 4,8:1, а во јуни таа е намалена на 3,3:1.
Па дури и поддршката за премиерот Христијан Мицкоски се намалила од март до јуни/ Во март, според истата анкета, во Мицкоски имале доверба 25,2 отсто, додека во јуни 23,3 проценти. И во двата случаи довербата во него е поголема од таа на ВМРО-ДПМНЕ. Кај Венко Филипче има мал скок напред – во јуни во него верувале 5,1 отсто од испитаниците, додека во март тој број бил многу помал – 3,6 отсто.
Се разбира, бројки може да се променат, а маргината на грешка според анкетарите е +/- 3%. Но изгледа дека врвот на подршката за ВМРО-ДПМНЕ е поминат и партијата можеби почнува да слегува надолу, ако има доволно силен конкурент. Некои велат дека токму таму треба да се бара неочекуваното барање на владејачката партија дијаспората да стане важен сегмент во гласањето прво на претседателските, а потоа и на парламентарните избори.