Една италијанска населба им забрани на жителите сериозно да се разболат
Италијанското село Белкастро, во Калабрија, им забрани на своите жители тешки болести поради непостоечки здравствени услуги, пишува Би-би-си.
На жителите на Белкастро им е „наредено да избегнуваат какви било заболувања кои бараат итна медицинска помош“, се вели во декретот на градоначалникот Антонио Торчија.
Околу половина од населението се постари од 65 години
Торчија нагласи дека овој потег е „очигледно хумористична провокација“, но дека има поголемо влијание од писмата што тој ги испрати до регионалните власти предупредувајќи за проблеми во локалниот здравствен систем.
Околу половина од 1.200 жители на Белкастро се постари од 65 години, најблиската здравствена установа е оддалечена повеќе од 45 километри, а патот до неа е ограничен на 30 километри на час, рече градоначалникот.
Докторот кој пристигнува во селото на повик е достапен само спорадично и не работи за викенд, за празници или надвор од работното време.
Еден од најсиромашните италијански региони
Како дел од уредбата, на жителите им беше наложено да не се однесуваат на „начин што може да биде штетен, да избегнуваат несреќи дома“ и „да не го напуштаат домот премногу често, да не патуваат, да не спортуваат и наместо тоа да се одмораат“, пренесува Би-би-си.
Белкастро се наоѓа во јужниот регион на Калабрија, еден од најсиромашните во Италија.
Лошото политичко управување и мафијата го уништија тамошниот здравствен систем, кој пред 15 години беше ставен под посебна контрола на централната власт. Осумнаесет болници во тој регион се затворени од 2009 година.