Една четвртина од плаќањата во рускиот увоз минатата година биле во јуани
Кинескиот јуан сочинуваше речиси четвртина од плаќањата во рускиот увоз во 2022 година, објави Руската централна банка, истакнувајќи и дека нејзиниот удел во тргувањето со валути се зголемил во февруари оваа година.
Уделот на јуанот скокна од само четири отсто на дури 23 отсто во вкупните плаќања на рускиот увоз во 2022 година, покажуваат податоците на Централната банка во Москва, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.
Кинеската валута презеде значајна улога во плаќањата, поткопувајќи го приматот на доларот, кој имаше доминантна позиција од распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
Уделот на домашната валута рубљата падна од 29 на 27 отсто, објави Централната банка.
Во февруари, уделот на валутниот пар долар-рубља во пазарните операции во Русија падна на 36 отсто, што е најниско ниво во последните години, наведува Централната банка во извештајот за ризиците на финансиските пазари.
Уделот на јуанот во валутните парови јуан-рубља и јуан-долар се зголеми од 33 на 37 отсто.
Обемот на девизното работење во „токсични“ валути продолжува да се намалува“, соопшти Централната банка.
Во февруари, банките го ограничија пристапот до доларската ликвидност во очекување на нови санкции, што накратко предизвика недостиг на девизи.
Поради падот на цените на енергијата, извозниците ја намалија продажбата на девизи на 7,8 милијарди долари.
На почетокот на март, по воведувањето на новите санкции, ликвидноста се подобри, забележува Централната банка.
Русија објави дека од 7 март до 6 април ќе продава јуани во вредност од 5,4 милијарди рубљи дневно за да ги надомести помалите приходи од нафта и гас.