Едмонд Темелко во трка за четврт градоначалнички мандат
Актуелниот градоначалник на Општина Пустец, област Мала Преспа, Едмонд Темелко, на локалните избори, што во Албанија ќе се одржат на 30 јуни, ќе се трка за четврт мандат.
За ова, како што пренесува весникот „Илинден“, едногласна одлука е донесена на Конвенцијата на општинската организација за Мала Преспа на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
-На конвенцијата присуствуваа делегати од населените места Горна Горица, Туминец, Долна Горица, Глобочани, Шулин, Леска, Пустец, Зрноско и Церје. Исто така одлучено е партијата на овие избори да настапува самостојно и во повеќе општини каде концентрација на Македонците е поголема да има кандидатски листи за советници, наведува весникот „Илинден“.
На последните локални избори што се одржаа на 21 јуни 2015 година МАЕИ во трката за градоначалник учествуваше само со еден кандидат и тоа во Општина Пустец, додека кандидатски листи за советници имаше во 16 од вкупно 61 општина.
Едомонд Темелко по трет пат ја доби довербата на жителите на Општина Пустец и тоа со над 80 отсто освоени гласови. За него гласаа 2.076, додека за неговиот противкандидат Михалаќ Апостоловски, од Демократската партија, 488 гласачи.
Во оваа општина освоени беа и седум советнички места, потоа едно во Општина Малиќ и за првпат едно советничко место во Општина Подградец.