Единство бараат оние кои ги сеат поделбите и омразата
Повиците на единство ги слушаме 30 години како заглушувачко ехо на претходните 46 години на братство и единство. Што погласно нѐ повикуваат на единство, толку повеќе растат делбите
(Колумна за Дојче веле)
Кога човек има илјада гајлиња, како да нема ниедно. И онака не можете ништо да поправите. Една дупка ако затворите, од сите други тече. Кога пак државата има милион проблеми, наместо да се нервирате, обидете се од еден друг, повесел агол да си олесните читајќи и гледајќи глупости. Така грижите, барем накратко, ќе ве развеселат, бидејќи тоа е единствениот начин да останете колку-толку нормален пред да полудите.
Деновиве се определив за оваа терапија и да ви кажам искрено многу добро се чувствувам. Првите сто дена ми поминаа фантастично. Од сите страни саде успеси. Наредните сто дена ќе ми бидат уште поуспешни, бидејќи планирам да се зачленам во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа автоматски ве прави успешен. Не смеам да ја пропуштам прославата на 200 дена грандиозни достигнувања во сите општини каде владее мојата омилена партија.
Уште повеќе ме радува генијалната идеја на мојот лидер да се зголемат сите плати и пензиите за 20 отсто, ќе беше подобро за 30 отсто, ама и ова не е малку за почеток. Така се прави тоа, а не како овие во власта одвај со маки и натегања ја качиле најмалата сатница од 1,50 евра на 1,82, па се фалат со 18.000 денари најниска месечна плата. Абе, веднаш оди на 500 евра најмала плата, просечната да биде 1.000 евра и готово, работата е завршена. Нека работи печатницата за пари во три смени, или земи на заем уште неколку милијарди и накриви ја капата. И онака долговите ќе ги враќа некој друг. Добро де, нашите деца и внуци, но сега тоа не е многу важно. Нека му ја мислат тие. Многу е смешно кога вакви будалаштини слушате и гледате како изговараат сериозни, видно загрижени, дури и подналутени луѓе кои се гледаат себеси како идни премиери и одговорни политичари.
Не дека не знаат, напротив – добро знаат дека тоа не е можно, но убаво е да се биде дарежлив на зборови, уште има многу луѓе што веруваат во вакви стодневни успеси, како на сточен пазар кога се продаваат волови со убави зборови.
Вечерен курс по историја за патриоти
Сепак, најмногу ме одушеви брзиот вечерен курс по историја кој произведува стотици новопечени патриоти. Особено е силна поентата со партиска декларација во Собранието и со ликот на маиците на пратеници да докажат дека Гоце Делчев е Македонец и македонски револуционер.
Ќе речете: Па, што беше Гоце до вчера? Истото што е и денес. Па, во што е тогаш поентата? Дали во тоа што Бугарите сметаат дека е Бугарин и бугарски револуционер? Секако не. Тоа е стара работа, добро позната во затегнатите односи помеѓу двете држави цели 75 години. Ново е тоа што ВМРО-ДПМНЕ застана во одбрана на Гоце Делчев од Македонците предавници кои сакаат да го продадат апостолот на македонската држава на Бугарите. Штом тие од власта не сакаат да докажат со изгласување на декларација дека е Македонец, значи дека прифаќаат да биде Бугарин. Ајде сега да не се крсти човек со две раце! Па со декларација и маичка ли се станува Македонец, или пак со „божја помош што ни го дал Христијан Мицкоски“ на дар да ја спаси Македонија, како што ни приопшти владиката Агатангел. А, и Господ не сака нешто да нѐ чуе и одамна не навратил во Македонија.
Повиците на единство ги слушаме 30 години како заглушувачко ехо на претходните 46 години на братство и единство. Што погласно нѐ повикуваат на единство, толку повеќе растат делбите и меѓусебната нетрпеливост која прераснува во омраза. Како е можно да бараат помирување и единство тие што ги палат огновите?! Човек може и да се смее од мака кога пироманите се обидуваат да го гаснат пожарот фрлајќи бензин во огнот. Веројатно и затоа овие од угледниот светски магазин „Економист“ направиле голема грешка кога го одредувале индексот на демократија за Македонија, па нѐ унапредиле од хибридна демократија во демократија со недостатоци, или како што велат „несовршена демократија“, каде сме заедно со 53 држави и со сите наши соседи.
Сме напредувале според повеќе критериуми над просеците, но на едно место сме далеку под просекот. Тенка ни била политичката култура. Е, баш тука згрешиле. Веројатно кога ги составувале условите за оценка за политичката култура немале во нивниот јазик поадекватен израз за примитивизам и заостанатост, или најверојатно тоа им звучело навредливо и некултурно. Ова веќе не може да се гледа ни со доза на иронија, уште помалку со шегување и потсмевање. Премногу е трагично.
Со одлука не се гради култура
Култура – политичка, општа, правна или комуникациска, сеедно – не се постигнува со одлука, или со повици за единство. Тоа се долготрајни процеси на зреење на демократијата. Политичката култура, вели науката, е резултат, а не причина на политичките процеси, исто како што општата култура не се претвора во демократија, туку демократијата произведува општа култура. Или кажано поедноставно, нашата политичка некултура е резултат на примитивизам, лажен патриотизам, популизам, предрасуди, омраза, нетолеранција, неприфаќање на компромиси. Некултурата на политичарите има извонредно тесто во народот за месење и обликување на идеален амбиент за делби на патриоти и предавници. Тажно е тоа што македонските, со мали исклучоци, како и сите балкански политичари имаат две лица – едно кога се обраќаат на своите граѓани и домашната јавност, а сосема друго лице и јазик кога разговараат зад затворени врати со странски политичари и дипломати. Тогаш се големи демократи и подготвени на реформи и компромиси, а за по дома се во постојан лов на непријатели и предавници.
Секогаш кога ќе се спомне политичката култура прво на памет ми паѓа словенечкиот политичар и државник Милан Кучан. Кога Словенија стана членка на НАТО и на ЕУ кога веќе не беше претседател на државата, имав подолго интервју со него за „Утрински весник“. Првото прашање беше: „Словенија ги оствари стратегиските цели, стана членка НАТО и на ЕУ, што понатаму“. Ме изненади долгиот одговор со прилично голема драматика и загриженост дека претстои силна борба против примитивизмот и провинцијализмот. Словенија на смее да остане на периферијата на ЕУ и во географска, но и во економска, културна и политичка смисла и да се гуши во примитивизмот. „Ни претстои многу работа на тоа поле“. Следуваа прецизни аргументи и појаснувања на моето чудење. Словенија и примитивизам, што да кажеме ние, реков. Ќе видите како тоа изгледа кога ќе ве заплиснат сите тие надојдени матни води кои ќе ја поплават јавноста под закрила на она што ние го подразбираме како демократија. Тогаш убаво се гледаат и стануваат многу лепливи сите валканици. Таа војна не може да се добие со декрети и наредби, туку со широк ангажман на сите мислечки луѓе, со една добро осмислена дебата, не само на интелигенцијата, деловните луѓе, политичарите, туку и на целиот образовен систем и на бројни надлежни институции. Е, па господине Кучан, гледаме, гледаме цели 15 години како нашата поплава на примитивизмот непречено носи сѐ пред себе и нѐ дави. За да се удавиме сите нѐ повикуваат на единство.
(Линк до колумната во Дојче веле овде)