Единаесет општини од Источно планскиот регион со дел од дигитализирани услуги


Жителите и компаниите во 11 општини од Источниот плански регион добиваат пристап до дел од општинските услуги по дигитален пат преку имплементација на LoGeS – првиот софтвер за е-услуги на локално ниво во државата. На денешниот настан во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип присуствуваа градоначалниците на 11 општини, Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП и директорот на Биро за регионален развој, Рамиз Реџепи.

-Преку новата платформа, граѓаните и компаниите, освен што ќе можат електронски да генерираат барања за дваесет општински услуги, да плаќаат електронски за предвидените административни такси и другите надоместоци, ќе можат и да го следат статусот на предметот и да бидат информирани кога нивните барања ќе бидат завршени или пак да приложат дополнителни документи доколку во постапката нешто недостасува, рече градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Активноста се реализира во рамки на проектот „Пост-КОВИД: Општините како двигатели на одржливиот развој“, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) во партнерство и со финансиска поддршка од Бирото за регионален развој.

-Оваа дигитална алатка нуди можности за иновативен развој, кој ќе обезбеди многу придобивки за општините и нивните граѓани. Ќе го олесни пристапот до услугите, ќе ја зголеми ефикасноста и ќе резултира со заштеда на трошоци. Горди сме што успеавме да ја развиеме оваа услуга во соработка со општините и уверен сум дека ќе направи вистинска разлика во локалните заедниците во овие 18 општини, вели Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

 

Директорот на Биро за регионален развој, Реџепи истакна дека преку проектот сакаат да ги поттикат општините, но и регионите да размислуваат како можат заеднички да работат во насока на подобрување на условите за живот на своите граѓани.

-Дигитализацијата е еден од начините преку кој се нудат подобри услови за живеење и токму преку овој проект направивме огромен чекор напред во овој процес. Верувам дека наскоро сите општини ќе го усвојат моделот кој денес го промовираме и сите услуги кои ги нудат ќе станат електронски достапни за граѓаните, вели Реџепи.

Платформата LoGeS обезбедува нов и високо технолошки пристап при кој една „поголема“ општина обезбедува ИТ услуги за другите „помали“ локални самоуправи во делот на администрирање и одржување на оваа дигитална алатка. Со оглед на сè помалиот број на достапни ИТ специјалисти, како и ограничените финансиски ресурси кои ги имаат општините, градењето партнерства во форма на меѓуопштинска соработка е совршено решение за предизвикот наречен „дигитална трансформација“. Особено е важно да се нагласи дека платформата LoGeS обезбедува ист број и ист квалитет на е-услуги за граѓаните на сите општини без разлика на нивната големина, со што се почитува принципит на еднакви можности за сите граѓани.