„Един народ в две държави – истина или лъжа“, поглед од страна на еден економист – Македонец

БОРЧЕ ТРЕНОВСКИ

Економијата во споредба со историјата е поегзактна наука, има цели бази на секундарни податоци, емпириски индикатори, точни економски варијабли и сѐ уште немаме консензус помеѓу економистите за голем дел од клучните економски прашања – како тогаш сакате да има консензус помеѓу историчарите

 

Дали може еден економист, професор на Економскиот факултет – Скопје, да пишува за „жешка“ тема како што се актуелните односи помеѓу Македонија и Бугарија, кои деновиве ја преокупираа јавноста во двете соседни земји, но и пошироко во Европа? Оваа дилема се наметнува бидејќи во средиштето на дебатите има (пре)многу политика и историја, а премалку економија, која е значаен дел од се уште важечкиот Договор за пријателство и добрососедство. Сепак, без претензии да ги заменам историчарите, политичарите, чувствувам обврска да го искажам моето мислење и став за апсурдноста на состојбата во која се наоѓаме.

Дали некаде грешиме?

Имајќи ја предвид мојата природа и академска позадина често се обидувам директно критички да ги опсервирам најчесто економските процеси, меѓутоа и останатите сродни политики, активности во земјата и регионот. Ваков критички пристап се обидов да применам и на постоечкиот проблем кој излезе на површина со нашиот сосед Бугарија – се обидов да тргнам од тезата – Дали ние некаде грешимеКаде е основата и дали има вистина во дел од тврдењата кај наши истакнати граѓани кои со недоверба зборуваат кон нашето минато и идентитетКои се основите за најголемиот дел од тврдењата и барањата од нашиот сосед БугаријаПовторно пречитував некои историски документи, наши преродбеници, Бугарски историчари, интелектуалци и медиуми – се обидував да ја сфатам објективната вистина, како што милува да каже нашиот сосед. Се обидував да заборавам се што имам учено, чуено и да бидам објективен читајќи го Мисирков и многу други преродбеници, револуционериОвој процес препорачувам и колегите од бугарската страна да го направат, можеби ќе најдат работи и суштина која до сега не ја гледале на тој начин и од тој аспект. Иако се обидував да ја разнишам мојата позиција и моето претходно размислување, успеав да најдам само делови кои можеби замаглуваат дел од нашето минато, отвораат некои дилеми, но никако не ја разниша мојата претходна доверба во нашите македонски корени и континуитетот во македонската идеја.

Лично искуство

Роден сум во едно мало гратче (Берово) на 15 км од бугарската граница, блиску до местото каде што откако памтам за себе со години се зборува дека чекаме бугарската страна да го направи патот и да го отвориме граничниот премин Клепало“ – на што секогаш искрено сум се радувал. Имав среќа да разговарам во моето детство со мои дедовци/предци родени во почетокот на 20 век (многу пред 1945) меѓутоа никогаш никој во тоа објаснување, барем оние со кои сум имал контакт, немале дилема за нашите македонски корени и за улогата на нашиот сосед Бугарија во нашата историја.

Поради блискоста до Бугарија секогаш сум имал почит кон нашите соседи Бугари и ми претставувало посебно задоволство секогаш кога сум ја посетувал Бугарија и кога сум имал прилика да се дружам со моите бугарски пријатели. Морам да признам дека иако образовниот процес ни е зрел за подобрување од многу аспекти (историскиот аспект во програмите не е најважен во моментот), истиот барем кај мене никогаш не создаде негативен впечаток за нашите соседи Бугари, или впечаток кој е поразличен од Србите, Грците и другите соседи. Јас искрено се уште се обидувам да сфатам каде е онаа антибугарска пропаганда во нашето воспитување и образование која толку често ја спомнуваат највисоките бугарски дипломати и ако истата е толку силна, ефикасна и очигледна како таа не допрела до мене, до моите колеги и пријатели. Меѓутоа се се смени која Бугарија повлече недозволен потег во партијата шах и не удри под пазуви…

Првата горчина

Првата горчина во однос на нашите соседи ја почувствував по објавување на текстот на меморандумот кој Бугарија го испрати до земјите членки на ЕУ. Мојот прв впечаток беше срам – се срамев од бугарската позиција, иако не беше наша позиција. Бев во состојба на чудење како може вакви тези да се претстават и бранат меѓународно, кога истите би биле чудни да се дискутираат и пред еден век, а не денес во време на демократија и глобални вредности. Посебно кога истите се лицемерно завиени во зборовите братскипрви ве признавме, „ние не сакаме, ама мора да ве блокираме за ваше добро и доброто на ЕУ.

После тоа горчината остана… никогаш не напишав ни еден статус на социјалните мрежи или на било кој медиум, се до сега. Оваа горчина се плашам долго ќе остане, ќе остане и после почетокот на преговорите со ЕУ, ќе остане имајќи предвид дека отиде предалеку.

Говорот на омраза која исто така со леснотија се спомнува од нашиот сосед Бугарија, е всушност воедно и самиот катализатор на говорот на омраза и тоа на двете страни. Јас сум истражувач/научник и веднаш по ваквите бугарски тези се запрашав зошто и дали е така, кога почна тој говор на омраза?

Помислив дека може барем да провериме една моја теза и да се обидеме да го испратиме (вид на експеримент) истиот меморандум кој Бугарија го стокми за нашата земја кон било која друга земја во ЕУ (Германија, Данска, Холандија итн.) – дури и во најдемократските скандинавски земји. Што мислите како ќе реагираат нивните граѓани, дали тоа кај нив ќе стимулира револт, силна реакција па и говор на омраза, колку илјади постови ќе си избројат тогаш како одговор на истиот. Бугарија може и самата да се обиде да го направи тој експеримент, на долгите состаноци со партнерите од ЕУ може едноставно да праша било која земја – што ако вие добиете таков меморандум.

Самиот меморандум само по себе беше доволен да предизвика силни непоправливи реакции и одговор од граѓаните, немаше потреба од потпалувачките изјави од политичката елита во Бугарија кои само додаваа масло во огнот. Меѓутоа што со македонската страна и говорот на омраза – една работа ми е тешко да разберам – како успева нашата влада толку смирено да одговара на сите овие провокации и случувања, претпоставувам тоа е некоја дипломатија и политика. Меѓутоа, на нашите европски партнери и соседи би требало веќе да им биде јасно дека воздржаноста на македонската Влада е една од најсилните заштитни огради која го задржува револтот и уште поголемо ескалирање на говорот на омраза во Македонија и тоа никој не може да и го оспори.

Економската наука и историската комисија

Во контекст на нашиот историски спор со Бугарија – пред се за работата на историската комисија која е во центарот на проблемот и решението – ќе се обидам да направам една економска аналогија.

Веќе 15 години помеѓу другото во рамките на факултетот работам на предметот Развој на економската мисла, предмет кој покрај тоа што ги плаши најголем дел од студентите е специфичен и по други работи. Станува збор за предмет кој го елаборира развојот на економската мисла и корените на најголем дел од клучните економски теории во светот.

Прво, забелешка е што за оваа дисциплина нема класичен учебник (како што има за Маркетинг, Менаџмент итн.), туку постојат повеќе книги/учебници кои согласно своите видувања прават сублимат на економски теории и автори и кои можат значајно да се разликуваат помеѓу себе – а претставуваат репрезенти на економската наука (според конкретниот автор). Посебно интересно е што определени тези и теории често можат да ја сменат својата страна и да се докаже спротивното од друг автор во друго време. Меѓутоа за најголем дел од економските концепции е тешко да се направи консензус помеѓу економистите и да се обидете да убедите друг автор во своите резултати, кога тој веќе направил и свое истражување – кога зборуваме и го декларираме нашиот став (научен наод) се повикуваме на сите претходно што биле за, или против истиот.

Како пример може да наведеме дека се уште се прават истражувања, се бранат научни докторати кои ги бараат причините или ефектите од Големата економска криза 1930 годинаОва го кажувам со цел да се укажам на апсурдноста на барањата од историската комисија да прифати ултимативна вистина и тоа на тлото на историјата.

Економијата во споредба со историјата е поегзактна наука, има цели бази на секундарни податоци, емпириски индикатори, точни економски варијабли и сѐ уште немаме консензус помеѓу економистите за голем дел од клучните економски прашања – како тогаш сакате да има консензус помеѓу историчарите, и тоа за проблеми/дилеми за кои изворите на податоци и толкувањето на истите се далеку од прецизноста која постои во економските дисциплини. Можни се генерални консензуси во определени рамки во кои може да има различни толкувања и прифаќање на научна логика која често нема прецизен одговор.

Што ако некој истражувач во иднина докаже дека политичко – историски договорената позиција, утврдена од некоја историска комисија нема врска со најновите пронајдени докази и факти и дека и двете страни грешат?

(Борче Треновски е доктор по економски науки, професор на Економски факултет – Скопје, УКИМ)