Eден месец блокада на Кожуф, Владата сега најавува дијалог и заштита на животната средина

Точно еден месец траат блокадите на Кожуф планина. Еко-активистите го блокираат патот кон ски-центарот и не дозволуваат да започнат градежни работи на локацијата каде што е планирана мала хидроелектрана на реката Дошница, една од најчистите реки во земјава. Активисти од градови и населени места од целата држава, веќе 30 дена се на блокадите и велат дека до крај ќе останат на терен, сè додека Владата не ја укине дозволата за градење на оваа планина.
По објавите на Мета.мк во врска со блокадите на еко-активистите, се обративме во Министерството за животна средина и просторно планирање, како и до Владата во врска со овој проблем, од каде што велат дека се подготвени да поттикнат дијалот и да најдат решение. Во одговорот на прашањата од Владата не наведуваат прецизно што точно ќе преземат, кога ќе почне дијалогот и како ќе ја заштитат животната средина.
Митко Јанчев, пак, градоначалникот на Кавадарци, општината која дала позитивно мислење за градење на хидроелектраната на Дошница, не одговара на телефонските повици и пораки на Мета.мк во врска со ова прашање.
„Владата внимателно ги следи реакциите на јавноста и е подготвена да поттикне отворен и конструктивен дијалог со сите засегнати страни. Владата останува посветена на изнаоѓање решенија што ќе бидат во најдобар интерес на граѓаните и животната средина“, велат во писмениот одговор од Владата.
Понатаму додаваат дека оваа Влада не ја доделила концесијата туку тоа се обврски од минатото а тие биле обврзани да го почитуваат договореното.
„Проектите за овие мали хидроелектрани се наследени обврски од минатото и произлегуваат од тендерска постапка спроведена од тогашното надлежно Министерство за животна средина и просторно планирање, при што е доделена концесија и се наплатени средства што се слеале во државниот буџет“, велат од Владата за Мета.мк.
Потоа појаснуваат дека продолжувањето на рокот за изградба до април 2026 го направиле затоа што тоа било административен чекор кој произлегувал од постојните обврски и правата на сопственост на компаниите вклучени во процесот, и дека тоа продолжување не било нова согласност за изградба кои тие ја издаваат.

Од МЖСПП, пак, велат дека врз основа на владина одлука за доделување концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од 22 мали хидроелектрани, спроведена е постапка за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија „Баров Дол“ и „Папрад“ на слив на река Дошница.
„Обезбедени се позитивни мислења од релевантните институции и од општина Кавадарци, каде се лоцирани објектите на идните мали хидроелектрични централи. По донесена одлука за избор на најповолна понуда за доделување на концесија, во мај 2019 година понудувачот започнал со постапки за добивање на дозволи за користење на вода за производство на електрична енергија. Во постапките за издавање на дозволи за користење на вода, општината Кавадарци има дадено позитивни мислења, а од страна на јавноста не се дадени забелешки. По спроведување на постапката, МЖСПП во 2021 година издаде дозвола за користење на вода за производство на електрична енергија а МХЕЦ Баров Дол и дозвола за користење на вода за МХЕЦ Папрад, по што во 2022 година е склучен договорот за концесија“, велат за Мета.мк од министерството.
Сепак, законот дозволува и раскинување на договор за концесија. Во МЖСПП велат дека во Законот за концесии и јавно приватно партнерство, а и во договорот за концесија, предвидени се случаите за раскинување на договорот за концесија и тоа: истек на рок, случај на виша сила, со заемна согласност помеѓу страните; како и во случаи на прекршување на одредбите од договорот од страна на некоја од договорните страни.
Во меѓувреме, активистите не дозволуваат да се одвиваат градежни работи на Дошница. Пред две недели, Мета.мк ги посети на блокадите. Тогаш, Кристијан Алчинов, професионален пчелар, апитеравпевт и долгогодишен кожувски активист изјави дека ако дојде до изградба на хидроелектрична централа, ќе треба да се прекопува течението на реката Дошница долж 4 километри, а со ширина од 8 метри.

„Тоа значи дека целата флора, фауна и ендемичните видови, ќе бидат уништени. Дошница е најчистата река во Македоинја, од која може да се пие вода и е наше богатство и затоа не смее да се дозволи чепкање во нејзината разновидност. Покрај рибите, пастрмката, разновидните ракови, ендемичните мовови, една од најважните видови е медоносната пчела апис мелифера македоника, чие живеалиште е Црвени стени, кој е всушност еден долг предел по течението на Дошница. Тие би биле буквално истребени од нивното живеалиште, а тоа богатство е непроценливо и тоа не може да се мери со ниеден државен, општествен и каков и да е интерес и профит“, вели Алчинов. Тој, заедно со останатите активисти, вели дека нема да отстапи и дека нема да дозволи, како што вели, вакви злонамерни проекти да се реализираат. (Мета)