ЕЦБ со стратегија „чекај и гледај“ – без промени кај каматите и купувањето обврзници


Европската централна банка (ЕЦБ) донесе одлука да ги задржи непроменети клучните каматни стапки и својата Пандемиска програма за итна набавка на обврзници (ПЕПП), одлучувајќи се за стратегијата „чекај и гледај“ за развојот на ситуацијата во еврозоната.

ЕЦБ соопшти дека ќе продолжи со огромната програма за стимулации, најавена во март, со цел да ги ублажи економските последици од пандемијата на коронавирусот, пренесе Си-Ен-Би-Си.

Највисоката монетарна институција во еврозоната минатиот месец ја зголеми својата вонредна програма за откуп на обврзници за 600 милијарди евра, на вкупно 1.350 милијарди евра, со што овие стимулативни средства ќе бидат распределени до јуни 2021 година, или додека ЕЦБ не оцени дека кризата е мината.

Во соопштението по седницата ЕЦБ наведе дека во рамките на ПЕПП ќе продолжи практиката на набавка на хартии од вредност на „флексибилен начин“ во однос на периодите, видовите хартии од вредност и надлежните страни што ги издаваат.

Каматната стапка на ЕЦБ во текот на нејзината главна операција за рефинансирање остана на нула процент, додека каматните стапки на брзите заеми на банките и депозитите кај централната банка останаа 0,25 и минус 0,5 проценти, соодветно.

ЕЦБ очекува овие каматни стапки да останат на „тековното или пониско“ ниво се додека не се видат знаци на „силна конвергенција на инфлацијата до ниво што е блиско, или пониско од 2,0 проценти што го проектирала централната банка, а таквата конвергенција постојано се рефлектира во динамиката на основната инфлација. “, се вели во соопштението.

Во своите последни економски проекции, ЕЦБ предвидува годинава во еврозоната да има пад од 8,7 проценти на бруто домашниот производ (БДП).

Меѓутоа, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди падот во овој регион во 2020 година да може да достигне дури 10,2 проценти.

Лидерите на 27-те земји од ЕУ денеска треба да се состанат во обид да ги надминат разликите околу тоа како ќе функционира Фондот за обнова, вреден  750 милијарди евра.

Некои богати северни земји на ЕУ сакаат да одобрат заем за јужните членки на Унијата, кои беа погодени од пандемијата и бараат економски реформи како предуслов за пристап до пари.