ЕЦБ продолжува да купува обврзници до одржливо закрепнување на економијата

Економијата на еврозоната е на пресвртна точка, а нејзиното цврсто и одржливо закрепнување е неопходен предуслов Европската централна банка да размисли за повлекување на програмата за итна поддршка, рече претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард во интервју за „Политикоин“.
ЕЦБ минатата недела одлучи да го задржи зголеменото купување обврзници за да ги одржи трошоците за позајмување во економиите во еврозоната екстремно ниски, а креаторите на монетарната политика дури и не разговараа за намалување на поддршката, иако економскиот раст се опоравува побрзо отколку што беше предвидено претходно, пренесува Ројтерс.
„Не сугерирам дека програмата за пандемски итни набавки (ПЕПП) ќе заврши на 31 март. Имаме многу простор за флексибилност и во однос на економските изгледи одиме во вистинската насока“, вели Лагард во интервјуто.
Таа додаде дека е рано да се разговара за укинување на програмата ПЕПП во вредност од 1,85 билиони евра (1.850 милијарди), што треба да трае најмалку до 31 март 2022 година или додека не заврши периодот на пандемиската криза.
Економистите очекуваат ЕЦБ на состанокот во септември да започне да го разгледува крајот на ПЕПП, а огромното мнозинство аналитичари анкетирани од Ројтерс не предвидуваат дека оваа програма ќе се прошири и продолжи, пренесува Танјуг.
Наместо тоа, според нив, ЕЦБ е поверојатно да се врати на претходната и поригидна програма за набавка на средства, која веројатно нема да биде временски ограничена, бидејќи се проценува дека инфлацијата ќе остане под целта на ЕЦБ во следните години.