ЕБРД лани одобрила рекордни 11 милијарди евра


Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) соопшти дека ги зголемила инвестициите за 10 проценти во 2020 година за да помогне во ублажување на тешките економски последици од корона-кризата, но учеството на зелените инвестиции падна нагло.

Банката инвестираше рекордни 11 милијарди евра во 2020 година, финансирајќи 411 проекти. Во 2019 година тие финансираа 452 проекти во кои инвестираа 10,1 милијарди евра.

Најголемата сума е инвестирана минатата година во проекти во регионот на Источна Европа и Кавказ, нешто повеќе од две милијарди евра, со што се зголеми финансирањето за 6,7 проценти. Тие инвестираа 1,47 милијарди евра во регионот на Централна Европа и балтичките држави со што инвестициите се зголемени за 4,2 проценти.

Инвестициите повторно беа концентрирани во приватниот сектор – 72 проценти од вкупните инвестиции. Во кризните мерки, банката се фокусираше на поддршка на краткорочна ликвидност и обртни средства на „одржливи компании“, се вели во соопштението.