Џорџ Сорос и други милијардери бараат данок на богатство во САД


Некои од најбогатите луѓе во САД бараат данок на богатство (данок на имот). Меѓу нив се и милијардерот Џорџ Сорос, наследничките Реган Прецкер и Абигал Дизни, како и ко-основачот на „Фејсбук“ Крис Хјуз. Според нив, новиот данок ќе помогне во решавањето на огромните разлики меѓу богатите и сиромашните, ќе се соберат средства за борба против климатските промени и друго.

Писмото е насочено кон сите кандидати за претседател на изборите во 2020 година. Милијардерите повикуваат на „умерен” данок на богатството на најбогатите 75.000 семејства во земјата – или 10 отсто од најбогатиот 1 процент. Некои од кандидатите на демократите за шеф на државата веќе предложија сличен данок.

Сенаторката Елизабет Ворен, која ја поддржува идејата, предлага оданочување со 2 отсто на сите средства над 50 милиони или повеќе, како и со 1 процент кога богатството е над една милијарда. Се очекува ова да генерира дополнителни приходи за државната каса од речиси три билиони долари во следните 10 години.