Џеф Безос со по 100 милиони долари ќе награди соработник на Си-ен-ен и шпански готвач
Џеф Безос, најбогатиот човек на светот и основач на „Амазон“, изјави дека планира со по 100 милиони долари да ги награди соработникот на Си-ен-ен, Ван Џонс и шпанскиот готвач Хозе Андреас. Порача дека со парите ќе можат да прават што сакаат.
„Ќе можат парите да ги дадат на добротворни друштва. Ќе може да го поделат богатството. Сѐ зависи од нив“, рече Безос, откако се врати од вселената.
Парите ги дава заради изненадувачка филантропска иницијатива наречена „Награда за храброст и човечно однесување“. Укажа дека оваа награда е признание на оние кои демонстрирале храброст и кои се обиделе да го обединат поделениот свет.
„Потребни нѝ се оние кои нѐ обединуваат, а не оние кои нѐ посрамуваат. Потребни нѝ се луѓе со цврст став и кои се упорни во тоа да го остварат тоа во што веруваат, но тоа да го прават човечно и никогаш да не напаѓаат ад хоминем. За жал, живееме во свет во кој тоа пречесто не е случај. Но, имаме примери“, додаде Безос.
Џонс ја прифати наградата и реќе дека понекогаш соништата се остваруваат.
„Навистина го ценам ова“, изјави тој и додаде дека парите ќе ги подели со оние кои имаат дух сличен на неговиот.
Готвачот Андреас, кој е познат по тоа што настојува да обезбеди храна за сиромашните ширум светот, истакна дека оваа награда „сама по себе нема да го нахрани светот“.
„Но, ова е почеток на ново поглавје за нас“, заклучи тој.
Оваа одлука на Безос доаѓа по критиките кон него и кон Ричард Бренсон, основачот на „Вирџин галактик“, за преголемо трошење за развој на вселенскиот туризам. Безос и порано е критикуван, а му се забележуваше дека не е доволно голем филантроп. Во меѓувреме донираше милијарди долари за борба против климатските промени и обезбедување храна.
Критичарите сметаат дека најбогатите луѓе на светот треба да работат на подобрување на условите за живот на Земјата, место да вложуваат во одење во вселената. Безос и оние кои ја поддржуваат всленаската програма сметаат дека можно е и едно и друго, пишува Си-ен-ен.