Двојката Обама стана фабрика за пари: Документарци, предавања, книги, недвижнини…


САД- Експретседателот на САД Барак Обама (58)  добро ја уновчи политичката кариера: во дел од светот се прикажува документарецот кој го продуцираше со сопругата, заработува милиони од говори, книги , недвижнини…

Документарецот “American Factory”, зад кој стои продуцентската куќа Higher Ground кој лани го основаа Барак и Мишел Обама (55) , сега е достапен и на Нетфликс, а се занимава со судбината на работниците на пропадната фабрика на камиони на Џенерал Моторс во Охајо, кој по затворањето го презеде кинески милијардер. Навидум нема политичка порака, ама покажува дека Обамови се бават со прашања кои им ссе важни и блиски.

Обама е и најбаран говорник на бизнис и политички настани. За еден настап заработува по 400 илјади долари, што е најголема заработка од сите експретседатели на САД и е двапати повеќе од претседателската пензија која ја прима откако во 2017 година му ја препушти Белата куќа на Доналд Трамп.

Мишел пак е издавачки феномен со автобиографијата која во Америка е продадена во над 10 милионски тираж и е ѕвезда за време на промоциите, а на доделувањето на наградите Греми доби поголем аплауз од Леди Гага и од Џенифер Лопез.

Договор за мемоарска проза, двојката потпиша пред две години, со незапаметен аванс од 65 милиони долари. Додека првата дама ги оствари очекувањата, Барак се уште работи на своите мемоари и се очекува да излезат следната година.

Двојката верува и во инвестиција во недвижнини. По напуштањето на Белата куќа купиле нова куќа во Вашингтон од 820 метри квадратни, во соседство на сопственикот на Амазон, Џеф Безос за 8 милони долари. Ја задржаа куќата во Чикаго која во 2005 година ја купија на кредит за 2,5 милиони долари, а летово ја купија и вилата со седум спални и девет купатила на островот Мартас Винјард ( омилен на кланот Кенеди)  за 15 милиони долари, со сопствена плажа.

Брачната двојка често и патува. Летово дегустираа вина во Тоскана, на гости кај Џорџ Клуни, крстареа по Карибите, сплавареа во Индонезија, а ќе ја посетат и Индија,  Аргентина, Чиле и Антарктикот.

Постарата ќерка Малија студира на Харвард, а помалата Саша од есенва ќе студира на универзитетот во Мичиген.