Двете лица на ВМРО-ДПМНЕ: Кога беше опозиција бараше намалување на акцизата, сега тоа е „соцболшевизам“
СДСМ денеска на прес-конференција ги претстави двата различни ставови на ВМРО-ДПМНЕ околу цената на горивата – едниот кога кога беше во опозиција, а другиот кога сега е власт. Првиот пат бараа да се намали акцизата за 50 отсто, а сега премиерот Христијан Мицкоски тврди дека таков предлог на СДСМ е „соцболшевизам“.
На денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, ја обвини владата на Мицкоски дека не ги ограничува цените на горивата и покрај тоа што цената на нафтата на светските берзи е во пад, а земјите од регионот веќе воведоа мерки за нивно ограничување.
„Очигледно Мицкоски намерно профитира на грбот на народот. Мицкоски вели најевтино гориво имало во Македонија. А што е со платите? Па проблем е што платите се најниски во Европа и куповната моќ на македонските граѓани е на дното. Тоа е проблемот, нискиот стандард и ниските плати“, рече Кузеска .
Таа ја обвини власта и дека одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра.
Иако признаваат дека СДСМ ја покачи минималната плата, за ВМРО тоа не било доволно, продуктивноста била проблем. Сега се власт, владата на Мицкоски одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра. Излегува Мицкоски и вели хистерија е барањето за поголема плата. Со часовници од 60 000 евра, вредни колку 150 минимални плати, Мицкоски ги прави хистерични работниците затоа што бараат 600 евра плата“, додаде портпаролката на СДСМ.