Двете години пандемија ја чинеа германската економија 330 милијарди евра


Пандемијата на Ковид 19 го чинеше германскиот бруто домашен производ 330 милијарди евра во изминатите две години, што е еквивалентно на 10 отсто од БДП во периодот пред пандемијата 2019 година, пресмета Економскиот институт Ифо.
Да не беше пандемската криза, економијата ќе пораснеше за 1,3 отсто во 2020 и 2021 година, објави во четвртокот Ифо.

Изгубените 330 милијарди евра одговараат на 10 отсто од БДП во 2019 година, пресметаа тие.

Експертот на Ифо, Тимо Волмершаузер, рече дека идните загуби во создавањето вредност не се вклучени во пресметката, на пример поради недостатоци во образованието.

Шефот на институтот, Клеменс Фуест, ја нарече пандемијата „најлошата светска економска криза од Големата депресија во 1930-тите“.

Нумеричкиот израз на Ифо за економските последици од пандемијата е нешто помал од оној на Германскиот економски институт (IW) со седиште во Келн, чија пресметка покажува загуба од 350 милијарди евра, забележува агенцијата ДПА.