Две сценарија за каматите за унгарскиот кредит, Владата ја вклучува и Народната банка


 

Премиерот Христијан Мицкоски очекува крајот на оваа или почетокот на следната недела конечно да бидат прецизираат условите во однос на каматите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, и парите да бидат ставени во функција.

„Анализираме две сценарија. Во текот на оваа недела ќе има Министерството за финансии поединечни средби со дел од банкарите, вклучително и Централната банка, гувернерката.  Очекувам крајот на оваа и почетокот на следната недела веќе да излеземе со конечна позиција и да тргне оваа работа. Инаку, се трудиме компаниите да добијат еднакви, историски најниски услови што во овој момент може да се најдат каде било во светот“, рече премиерот Мицкоски на новинарско прашање кога ќе биде средбата со банкарите оваа недела и дали Владата размислува да ги покрие трошоците за каматите за кредитниот ризик за банките за да добијат фирмите поволни кредити.

На средбата изминатиот викенд не беше постигнат договор меѓу Владата и банките за дефинирање на условите за пласманот на унгарскиот заем за македонските компании. Начелно постигната е согласност околу роковите за исплата, но не и околу каматата што ќе треба да се исплаќа, за која од двете страни, беше кажано, има волја за доближување на ставовите.

Премиерот Мицкоски по средбата со Македонската банкарска асоцијација, рече дека во однос на каматата, уште ќе се преговара.

„Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова за конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите“, рече Мицкоски.

Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.  

Условите под кои е земен кредитот, како што информираше неколкупати досега премиерот, се поволни – 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот.