Две лица загинаа во невремето во Албанија


Невремето што вчера ја зафати Албанија однесе два човечки живота, пренесуваат албанските медиуми.

Електричар на државната електро-енергетска компанија загина за време на интервенција во три часот по полноќ, кога паднал од столб во Химаре, откако му се скинал безбедносниот појас.

Втората жртва е рибар во Ксамил, кој го дочекал невремето во немирното море. Ветрот го превртил неговиот чамец, а неговото тело било пронајдено утрово.

Невремето направи и материјална штета. Силните ветришта откорнале десетици дрвја во Саранда кои оштетиле неколку возила, а три лица побарале медицинска помош поради повреди од скрешни стакла и гранки од дрвја.

Проблеми по невремето се забележани и во Либражда, каде некои подрачја и натаму се без електрична енергија.