Дванаесет земји на ЕУ бараат од ЕК да ги заштити европските избори од странско мешање
Брисел – Дванаесет земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Германија, побараа од Европската комисија (ЕК) да ги искористи своите овластувања според Законот за дигитални услуги за да го заштити интегритетот на европските избори од странско мешање.
Во писмо до ЕК, министрите за европски прашања на Франција, Германија, Холандија, Белгија, Кипар, Хрватска, Чешка, Данска, Грција, Романија, Словенија и Шпанија побараа од неа да ги исполни своите ветувања за создавање тело на ЕУ за спротивставување на странска манипулација со информации и мешање во изборите.
-Неодамнешните инциденти бараат итна и обединета акција за заштита на претстојните избори во ЕУ, се наведува во писмото.
Европските дипломати рекоа дека писмото главно се однесува на мешање на Русија и Кина, но дека има и други случаи. Парламентарните избори во Германија се закажани за 23 февруари, а формирана е работна група за спречување на сите обиди на странски држави да влијаат на гласањето.
ЕК отвори истрага против ТикТок, во сопственост на кинеската компанија ByteDance, во декември поради сомневање дека се мешала во романските претседателски избори во ноември.