Двајца руски шпиони осудени во Словенија најверојатно ќе бидат дел од размена на затвореници
Судот во Љубљана осуди двајца руски шпиони, Артем и Ана Дулцев, на една и пол година затвор за шпионажа.
Тие беа уапсени на крајот на 2022 година, а во нивната казна е вклучено и времето поминато во притвор. Бидејќи затворската казна е еднаква на времето што го поминале зад решетки, Артем и Ана беа ослободени, но им беше наредено да ја напуштат земјата.
Аналитичарите велат дека казната е знак дека ќе се случи размена на затвореници, за која ЕУ и САД долго време преговараат со Русија „под радарот“. Како што се посочува, на мета на западните преговарачи е новинарот Еван Гершкович, додека Русите го бараат Вадим Красиков.
Гершкович е репортер на Вол Стрит Журнал кој на почетокот на оваа година беше осуден на 16 години затвор. Од друга страна, Красников е во затвор во Германија откако убил Чеченец во Берлин.
Артем и Ана Дулцев беа осудени од судот во Љубљана за шпионажа, односно за користење на Шенген зоната во рамките на Европската унија за правење бизнис за руската разузнавачка служба.
Според обвинението, ова дуо се преправало дека е аргентинска двојка, а со децата разговарале на шпански. Покрај тоа, тие беа „сопственици“ на неколку приватни компании, но ова беше параван за дејствување во корист на Русија.
Кога биле уапсени, ја негирале вината, но набрзо стигнала „интервенцијата“ на руските функционери, па ги признале своите активности во Словенија и ЕУ.