Два младински социјални бизниси од Северна Македонија добија финансиска поддршка преку програмата RISE
Дванаесет социјални бизниси, по два од Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, ќе бидат поддржани со финансиски грантови од 2.500 евра и регионална инкубациска програма која ќе им помогне нивните идеи да станат реалност.
Како што соопшти Здружението за социјални иновации (АРНО), избраните социјални бизниси на млади луѓе се поддржани со вкупно 30.000 евра во рамките на проектот Регионален инкубатор на социјални претприемачи (RISE) кој од самиот почетокот на програмата вклучи 46 тима составени од 137 млади луѓе од Западен Балкан.
-Двата социјални бизниси од Северна Македонија, „Skopje goes Zero Waste” и „Football Frame“ имаат за цел да развијат продавница-социјален бизнис за продажба на продукти од мали домашни производители, без или со реупотребливо пакување, во рамки на која ќе бидат ангажирани пензионери или лица кои се технолошки вишок, и да креираат дигитална платформа-социјален бизнис чија цел е промоција на убавините на фудбалската игра, позитивните општествени вредности и борба против недостигот на физичка активност во секојдневието, информира АРНО.
Избраните претприемачи се млади луѓе од регионот, од 18 до 35 години, мотивирани да учат за социјалното претприемништво и да бидат вклучени во регионална интеркултурна програма. Преку овој наменски пристап, тие ги развиваат своите конкретни идеи кои се однесуваат на социјални или еколошки предизвици во нивните заедници. Учеството во проектот RISE исто така ги развива нивните вештини и придонесува за нивната вработливост.
Целта на RISE е да го збогати социјално-претприемачкиот екосистем на Западниот Балкан и да им овозможи на младите луѓе да развиваат иновативни општествени решенија и со тоа да придонесат кон помирувањето и соработката во регионот. Станува збор за тригодишен проект кој промовира дијалог и соработка во регионот, а кој започна на 1 октомври 2019 година и се имплементира низ шесте држави кои го сочинуваат регионот на Западен Балкан.