ДУИ тврди дека се увезла струја за 25 милиони евра во 2026. Мицкоски вели – не е вистина


 

ДУИ тврди дека близу 25 милиони евра се потрошни за увоз на струја од почетокот на 2026 година. За да ги покрие потребите на домаќинствата и малите потрошувачи, ЕСМ било принудени да набавува електрична енергија во најмалку два наврати, при што се потрошени 24,3 милиони за увоз на електрична енергија.

„Во јануари се набавени 104.160 мегават часови по цена од 119, 50 евра за мегават-час или вкупно 12.447.120 евра. Во февруари 94.080 мегават-часа по цена од 126,90 евра за мегават-час или вкупно 11.938.752 евра“, се вели во соопштението од ДУИ.

Ова, како што додаваат од партијата, се конкретни факти и тие, велат од ДУИ, целосно ги демантираат тврдењата и дезинформациите што доаѓаат од раководството на ЕСМ и Министерството за енергетика.

„Овие бројки јасно покажуваат дека ЕСМ немаат доволен производствен капацитет за да ги покријат потребите на регулираниот пазар, што директно води кон зголемен притисок врз цената на електрична енергија за граѓаните“, додаваат од партијата.

Електроенергетскиот систем, како што велат од ДУИ, се соочува со сериозни предизвици, а последиците од недомаќинското и нестручното управување ќе ги сносат граѓаните преку зголемени фактури.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера прашан за евентуално ослободување на резервите на мазут за производство на струја, кажа оти во моментот се размислува за таа опција.

Денеска Мицкоски рече дека ја поздравува новата реторика на ДУИ и се фокусира на реалните проблеми што ги засегаат граѓаните.

„Сакам да го поздравам ова ново однесување од страна на ДУИ бидејќи излезе од оние ретро политики коишто беа политики на политичарите од пред неколку децении. Добро е што излегоа од оние пранги на национализам, на етно политика, на фолклор и што конечно ги интересираат реалните проблеми на граѓаните. Но лошото е што не ја владеат материјата и тоа што го кажуваат е спротивно на вистината. Затоа што денеска ЕСМ во текот на ноќните часови извезува, односно продава на берзите околу 850 мегават-часови, што дневно на компанијата ѝ носи додадена вредност меѓу 100 и 150 илјади евра. Инаку, да, постојат периоди од годината кога се увезува струја, постојат периоди кога ќе се извезува. Еве сега е околу 12 часот, и ако ја погледнете берзата, ќе видите дека цената на струјата е нула или минус“, рече Мицкоски.