„Дуферко“ ја зголеми сопственоста во „Макстил“


Мнозинскиот акционер во скопски „Макстил“, компанијата „Дуферко“ со седиште во Швајцарија, го зголеми сопственичкото учество во македонскиот производител на челични слабови и лимови.

„Макстил“ АД Скопје, согласно Правилата за котација на Македонската берза извести дека на 21.11.2023 година е настаната промена во сопственоста на акциите со право на глас.

„Имено, Duferco Skop SA, како мнозински акционер ја зголеми сопственоста и во изминатиот период се стекнал со 11.704 акции, со што во моментов поседува вкупно 83,11% од главнината на акции со право на глас на ‘Макстил’ АД Скопје“, се вели во објавата на Берзата.

Само ден претходно „Макстил“ иосто така извести за промени во соптвеничката структура, односно за промена во сопственоста на акциите со право на глас, откако „Дуферко“ во изминатиот период се стекнал со 1.192 акции, со што во тој момент поседуваше вкупно 83,03 отсто од главнината на акции со право на глас на „Макстил“ АД Скопје.

На почетокот на месецот „Макстил“, соопшти дека исплатата на солидарниот данок значајно влијаела врз остварената добивка во првите девет месеци од годинава.

Во образложението кон постигнатите резултати на компанијата за периодот јануари – септември 2023 година, доставено до Македонската берза се вели дека добивката пред оданочување во извештајниот период е 69 милиони денари (околу 1,1 милиони евра) и е значително пониска од остварената во истиот период од 2022, додека нето добивката изнесува 56 милиони денари (околу 910,5 илјади евра), значително пониска од остварената во истиот период во минатата година.

„Намалувањето на добивката во голема мера се должи на извршената задолжителна исплата на солидарниот данок во износ од 257 милиони денари (дури 4,17 милиони евра, заб), кој што беше пресметан во септември 2023 и кој не произлегува од оперативното работење на компанијата“, се вели во образложението на „Макстил“.

Инаку, „Дуферко ја отпочна инвестицијата во „Макстил“ во март 1997 година. Почнувајќи од 2016 година, Duferco International Trading Holding има нова акционерска структура како резултат на последната аквизиција. Трговската и дистрибуциска мрежа на DITH во Лугано е одговорна за околу 80 отсто од вкупните продажби на „Макстил“ на регионалниот пазар на ЕУ, но исто така и на други пазари, како што се САД, Канада, Блискиот Исток и Северна Африка.