Дубаи пречека 9,88 милиони странски посетители во првата половина од годинава

Сè поголемата понуда на Дубаи како дестинација, водена од влијателни јавно-приватни партнерства, засилени преку стабилна маркетиншка стратегија, доведе до тоа градот да прими 9,88 милиони странски посетители во периодот јануари-јуни 2025 година, објави новинска агенција на Обединети Арапски Емирати.
Ова претставува зголемување од шест отсто во споредба со истиот период во 2024 година. Податоците ги објави Министерството за економија и туризам на емиратот Дубаи.
„Дубаи продолжува да поставува нови рекорди во странските посети, зацврстувајќи ја стратешката визија на шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, потпретседател и премиер на ОАЕ и владетел на Дубаи, да го трансформира градот во голема глобална бизнис и туристичка дестинација. Оваа значајна пресвртница го одразува постојаниот раст на Дубаи како фокусна точка за трговија, инвестиции и можности, како и неговото издигнување како најповрзан град во светот“, рече шеикот Хамдан бин Мохамед Ал Мактум, престолонаследник на Дубаи, заменик-премиер и министер за одбрана на ОАЕ и претседател на Извршниот совет на Дубаи.
Тој посочи дека способноста на Дубаи да создава импресивни искуства што ги задоволуваат еволуирачките потреби на посетителите го зацврсти неговиот статус како една од најбараните дестинации во светот. Од исклучителна инфраструктура до уникатни атракции, додаде тој, Дубаи нуди модел на извонредност во секторите за туризам и угостителство, воден од иновации.
Според Министерството, пазарите од Советот за соработка во Заливот и од Блискиот Исток и Северна Африка имаа заеднички удел од 26 отсто од вкупниот број посетители на Дубаи од јануари до јуни 2025 година, соодветно со 1,5 милиони (15 отсто) и 1,1 милион (11 отсто) посети.
На прво место, според тој показател, е Западна Европа со 2,12 милиони посетители (22 отсто), по што следуваат Заедницата на независни држави (ЗНД) и Источна Европа (15 отсто), Јужна Азија (15 отсто), Источна Азија (девет отсто), Америка (седум отсто), Африка (четири отсто) и Австралија и Океанија (два отсто).