Државните претпријатија трошат пари речиси без контрола


Државниот завод за ревизија во последните 15 години спровел само 110 ревизии во 60 државни претпријатија, односно во 42 отсто од вкупниот број. Доминантен дел од претпријатијата (58 отсто) немале ревизорска контрола ниту еднаш во изминатите 15 години.

Притоа, најголемото државно претпријатие АД „Електрани“ последен пат било субјект на целосна финансиска ревизија во 2007 година. Станува збор за претпријатие чии годишни приходи изнесуваат 28 отсто од вкупните приходи на сите 142 претпријатија во државна сопственост. Наспроти тоа, на пример, скопското јавно претпријатие „Улици и патишта“ било предмет на ревизија во 2005, 2008, 2011 и 2016 година. Годишните приходи на Улици и патишта (6,2 милиони евра) се 35 пати помали од годишните приходи на АД „Електрани“ (219 милиони евра). Причините за различниот пристап не можат да се лоцираат во наодите на ревизиите. При проверката на финансиските извештаи и во АД „Електрани“ (финансиски извештаи за 2006 година) и во ЈП „Улици и патишта“ Скопје (финансиски извештаи за 2003, 2007 и 2010 година) ревизорите констатирале дека „не е остварено законско и наменско користење на средствата во финансиските трансакции“.

Инаку, државната ревизија е задолжителна еднаш годишно само на Буџетот на државата и на буџетите на фондовите, додека на другите субјекти на ревизија се врши во рокови утврдени со Годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Дека на државните претпријатија им е потребен засилен надзор говори и примерот со второрангираното по големина државно претпријатие, Јавното претпријатие за државни патишта. По контролата спроведена во 2016 година државните ревизори не изразиле мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2015 година, а за активностите, финансиските трансакции и информации рефлектирани во финансиските извештаи во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики изрази негативно мислење.

Кај треторангираното по големина претпријатие АД МЕПСО, последната ревизија е направена во 2017 година и во неа ревизорите изразиле негативно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2016 година, како и за усогласеноста на активностите, финансиските трансакции и информации со релевантната законска регулатива.

Сите овие наоди говорат дека малиот број контроли од страна на Државниот завод за ревизија не се сразмерни ниту на големината на капиталот со кој располагаат овие претпријатија ниту со наодите кои се констатирани при последните контроли.

Ваквите состојби наметнуваат потреба од преиспитување на досегашниот начин на контрола на работењето на државните претпријатија во државна сопственост. Се чини дека е неопходно да се најде начин за поголема контрола со оглед на тоа што станува збор за вкупно 142 претпријатија кои располагаат со околу 800 милиони евра и вработуваат околу 28 илјади луѓе.