Државните институции масовно купуваат противпожарна опрема


Фото: Б. Грданоски

Трагедијата во Кочани во вклучи алармот кај институциите на локално и државно ниво, кои по пожарот на дискотеката „Пулс“ тргнаа во акција за објавување на огласи за сервисирање на постојани или набавка на нови противпожарни апарати, како и одржување на хидрантска мрежа, открива Радио Слободна Европа. По пожарот започна и масовно купување на противпожарна опрема, а дел од медиумите објавија дека продавниците снемале залихи.

На веб страницата на Бирото за јавни набавки, вкупно 18 институции се наоѓаат на листата, меѓу кои и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Централниот регистар, Агенцијата за стокови резерви, Педагошкиот факултет, Државниот студентски дом – Скопје, МРТ, неколку факултети, болници, детски градинки, комунални претпријатија…Тие распишале тендери во втората половина на март, после огнената стихија која ја зафати дискотеката „Пулс“. Иако во годишните планови за јавни набавки планирале купување или одржување на постојна противпожарна заштита во јуни или октомври, сепак, некои од нив пристапиле кон склучување на договори сега, неколку месеци порано.

Генерално, во неколку институции каде што РСЕ праша дали напливот за купување на противпожарни апарати и одржување на мрежата е поврзана со трагедијата со пожарот во дискотеката во Кочани, доби негативен одговор.Нивното образложение е дека тендерите ги имаат во годишните планови за јавни набавки, иако актуелните огласи не им се поклопуваат со временскиот период кога планирале да ги спроведат.