Буџетот лани заврши анемично, како ќе биде годинава?

Останува нејасно зошто министерката Димитриеска-Кочоска потфрлањето кај акцизите го „врза“ со цената на нафтата, бидејќи во структурата на нејзината малопродажна цена, оваа давачка е фиксна


Реализацијата на буџетските приходи во 2025 беше најслаба во последните десетина години
 
Државата минатата година не успеа да наплати дури 500 милиони евра приходи во Буџетот кои што беа планирани како ставка, завршувајќи ја годината со скромна реализација од само 92,09 отсто од зацртаните во Ребалансот на државната каса, усвоен во средината на минатата година. Вакво големо потфрлање во наплатата на приходите, најголемо во изминатите десетина години, дојде по релативно успешната 2024 година, кога планот беше реализиран со солидни 96 отсто, кога сегашната Влада ја презема власта, но веќе во првата цела година од нејзиното владеење „се сопна“ на сопствените ветувања и очекувања во јавноста. Зошто дојде до вакво големо потфрлање на реализацијата на приходите?
 
Министерката за финансии на прес-конференција деновиве, кога беше најавен проектот е-фактура, одговорајќи на прашања на новинарите посочи неколку причини за анемичните буџетски приходи, пред сѐ потфрлањето кај неданочните приходи, односно сопствените средства на државните институции, врз кои Министерството за финансии, како што самата нагласи, нема никакво влијание, но и кај акцизите, за кои рече дека „се едни од најтешките приходи за проектирање во Буџетот“.
 
Притоа, како една од причините кај акцизите таа ја наведе цената на нафтата, која минатата година беше во постојан пад.
 
„Акцизите се единствено нешто што е послабо наплатено, но не знам што нѐ изненадува. Еве, кој можеше да предвиди дека и по ова што се случува во Венецуела цените на нафтата ќе останат ниски? Јас – не. Гледате дека цела година цената на нафтата е на многу ниско ниво“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека по воведување на царините од САД очекувањата беа дека ќе има нагорен тренд на цената на нафтата и од тука беа очекувањата дека ќе имаме повисоки акцизи.
 
Останува нејасно зошто министерката Димитриеска-Кочоска ги доведува приходите од акцизи во врска со цената на нафтата, бидејќи во структурата на нејзината малопродажна цена, оваа давачка е фиксна, односно не зависи од набавната цена на горивата, како што тоа е случај со Данокот на додадена вредност, кој е изразен во проценти.
 
Проблемот не е во акцизите
 
Ако се погледнат одлуките на Регулаторната комисија за енергетика за малопродажните цени на дериватите во земјава, ќе се види дека акцизата за моторниот бензин Еуросупер БС-95, како и за Еуросупер БС-98 е 22 денари за литар, за Еуродизелот е 15,50 денари за литар, а исто толку е и за Екстра лесното масло за горење, додека најмала ставка е кај мазутот – 0,10 денари за килограм.
 
Овој износ на акцизата е ист, без оглед дали крајната цена на горивата е 70 денари или 75 денари или повеќе, односно помалку. Она што се менува како приход од цената е ДДВ-то кое што е во процентуален износ, но таму, според изјавата на министерката, нема потфрлање.
 
Исто така, податоците на Државниот завод за статистика за надворешно-трговската размена на земјата со странство за периодот јануари-ноември лани, објавени деновиве, покажуваат дека во овој период биле увезени минерални горива, мазива и сродни производи за 1,15 милијарди евра, односно за 1,1 отсто помалку во однос на истиот период претходната година, а доколку вредноста се гледа во американски долари, како што обично и оди тргувањето со нафтените деривати, тогаш износот е поголем за 1,7 отсто во однос на 2024 година.
 
Ова покажува дека причината за потфрлањето на приходите од акцизи не треба да се бара во цената на нафтата или во увозот.
 
Инаку, податоците за реализацијата на буџетските приходи по години се покажа како голем предизвик дури и за чет ботовите за вештачка интелигенција, кои што посочуваат на отстуство на директно достапни структурирани бројки за реализацијата на буџетските приходи како процент од планираните (actual vs planned revenues) за сите години во изминатите 10 години. Во одговорот се посочува дека „таквата серија на податоци не е објавена на едно место во јавно достапните извори и бара директна обработка на завршните сметки или официјални извештаи на Министерството за финансии на Република Северна Македонија за секоја година (2015–2024)“. Министерството објавува годишни извештаи за реализација на буџетот, но тие мора да се преземат и пресметаат поединечно за секоја година со податоци за планирани и реализирани приходи, што обично е дел од завршните сметки.
 
Сепак, од она што е достапно, може да се види дека во 2020 година на пример, процентот на реализација на буџетските приходи бил 96,7 отсто, во 2022 на одлични 98,9 отсто, во 2023 бил нешто помал, 96,3 отсто, а и во 2024 година бил 96,3 отсто во однос на планираните.
 
Во Буџетот лани вкупно беа собрани 5,46 милијарди евра, додека ребалансираниот буџет предвидуваше близу 6 милијарди евра приходи, додека кај расходите, реализацијата изнесуваше 93,01. Јавните расходи изнесуваа 6,14 милијарди евра, наспроти планираните 6,6 милијарди евра, што повторно резултираше со недостиг од речиси 500 милиони евра.
 
Според Управата за јавни приходи, во Буџетот од даноци и социјални придонеси во 2025 година влегле 4,426 милијарди евра, што е за 308,3 милиони евра повеќе отколку во 2024 година. Даночните приходи се зголемија за 7,5% на 2,334 милијарди евра, поткрепени од силната наплата на ДДВ и повисоките приливи од данокот на добивка на претпријатијата, додека социјалните придонеси се зголемија за 7,5% на годишно ниво на 2,092 милијарди евра.
 
Министерката Димитриеска-Кочоска на прес конференцијата деновиве рече дека за неа е важна ставката на даноци бидејќи „тоа е изворниот приход на државата и тоа е приходот што ги сервисира сите расходи“, вклучувајќи ги и трансферите кон ПИОМ , ФЗОМ и тн.
 
„Потфрлено е во однос на неданочните приходи, а тоа се сопствените приходи на институциите. Тоа значи самите ‘газди’ не си ги прибраа своите приходи, а тоа се институциите кои што имаат сопствени сметки“, истакна таа, објаснувајќи дека станува збор за концесии или за приходи од други основи, за кои што се грижат одделни институции.
 
„Јас како министер ќе притискам и понатаму да се трошат сопствените сметки затоа што тоа не се сопствени сметки на институциите, тие се пари на државата“, рече Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека во буџетите од 2008 -2010 година неданочните приходи биле исто така приходи кои што имале третман како и даноците, односно ги сервисирале вкупните расходи во буџетот.
 
Таа исто така рече дека помала е реализацијата и кај увозните давачки.
 
„Во апсолутен износ е незначителен, но и таму можеби имаме послаба реализација во однос на планот и тука ситуацијата е многу слична, знаете и самите дека менувавме одредени царински тарифи, но сега следи период во којшто секоја од институциите ќе си направи длабинска анализа, за даноци и царини“, рече таа, додавајќи дека сепак е задоволна од тоа како завршила наплатата на даноците.
 
Лошата реализација за мината година го наметнува и прашањето како во оваа 2026 година ќе се соберат над 12 отсто повеќе приходи во државната каса. За тоа да се случи, Кочоска се надева на намалување на процентот на работа на црно – нешто за што постојано се зборува, но никако да се случи. Таа вели дека се работи на измени во многу закони почнувајќи од законот за ДДВ каде што согласно извештаите од ММФ коишто работеа на анализа даночните ослободувања во државата се 4,75 проценти од БДП..
 
Нема нови даноци, но ќе се плаќа повеќе
 
Оваа најава на министерката може да се протолкува и дека иако нема да има нови даноци, даночните обврзници сепак ќе плаќаат повеќе, бидејќи најверојатно, ќе изгубат дел од привилегиите кои сега ги имаат.
 
Според податоците објавени на интернет страницата на Министерството за финансии, заклучно со 31 декември лани потфрлање има и кај другите ставки во Буџетот за 2025. Расходите се реализирани со 93,01 отсто (377,8 милијарди денари), капиталните расходи со повеќе од скромни 64,58 отсто (28,4 милијарди денари). Истовремено, државниот долг на крајот на ноември бил 8,59 милијарди евра или 50,9 отсто од БДП.
 
Експертите постојано укажуваат дека една од основните причини за недоволното трошење на буџетските пари е лошата имплементација на капиталните проекти.
 
Академик Абдулменаф Беџети (кој е претседател ан Фискалниот совет) за емисијата „Трилинг“ на ТВ24 пред Нова година изјави дека капиталните расходи се далеку од очекуваното и оптималното и слабата реализација покажува дека немаме капацитет за реализација на поголеми износи на капитални инвестиции.
 
Според него добро е што за оваа година (што беше препорака и лани на Фискалниот совет до Комисијата за финансирање и буџет и до Владата) да не се проектира високо ниво на капитални расходи и потоа да има ниска реализација и со првиот ребаланс да се кратат. Тој потсети дека и во 2025 година со Одлуката за реалокација на буџетските средства, најголем дел се од кратени средства кај капиталните расходи во корист на три корисници, најмногу Фондот за ПИОМ, Фондот за здравство и за одредени капитални проекти во Министерството за транспорт, односно за патната и за железничката инфраструктура.
 
Во 2026 година проекциите на капиталните расходи се околу 3,6 отсто од БДП, а лани беа повеќе. Тој е скептичен дека годинава ќе се реализира раст на БДП од 3,8 отсто, како што предвидува Владата, иако, било кој раст кој е над нивото на буџетскиот дефицит ќе придонесе за релативно намалување на јавниот долг.
 
Голем проблем за Буџетот се и доспеаните обврски врз основа на стари задолжувања, но и каматите за нив, за што лани биле исплатени 19,2 милијарди денари, а за годинава за истата намена треба да се обезбедат 380-400 милиони евра, што е многу.
 
Беџети исто така е на ставот дека се потребни законски измени во даночната сфера, посебно на Законот за ДДВ. Тој вели дека според процените на меѓународни финансиски институции, како Светска банка, трошоците за ДДВ се релативно високи, 4-4,5 отсто од БДП. Тоа се 650-700 милиони евра, а тоа подразбира даночни ослободувања коишто се условни ослободувања кои на некој начин се „лавиринти, канали“ што се злоупотребуваат и доаѓа до голема стапка на неформална економија.
 
Лошата реализација на буџетските приходи беше и дел од политичката дебата во Собранието, како на дискусиите за донесување на Буџетот за оваа година, така и на седницата за пратенички прашања. На лошите состојби во Буџетот потсети и пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој на крајот на минатата година на неговиот Фејсбук профил рече дека Владата подготвува „Новогодишен подарок“ за граѓаните во вид камати. Станува збор за задолжувањето што го реализираше Владата на 30 декември, спроти Нова година, кога според достапните податоци, буџетските приходи беа на ниво на реализација од  91,1% (332,388 милијарди денари ) и за на 31 декември да се стигне до 100%, фалат уште 32,47 милијарди денари, односно околу 528 милиони евра.
 
„Имаме кристално јасен индикатор за слабости во буџетското планирање и, уште поважно, имаме сигнал дека на крајот од годината државата ја затвора сметката со притисок што ќе се префрли како новогодишен подарок врз животниот стандард на граѓаните“, напиша Битиќи.
 
Тој потсети дека кога планот за приходи не се исполнува, тогаш се позајмува и буџетската слика станува уште појасна.
 
„Вчера беше планирана аукција на државни обврзници од 4,4 милијарди денари, а денес истата се реализира во висина од 6,1 милијардиденари (100 милиони евра) — 1,7 милијарди  денари (27,6 милиони евра) повеќе од тоа што беше вчера планирано.
 
И ова не е изолиран потег, туку целогодишен образец, односно ако оваа акција е симптом тогаш годишната сума е економска дијагноза. Во оваа година Владата на домашен пазар се задолжи 40,6 милијарди денари (околу 661,5 милиони евра)“, напиша Битиќи.