Дрвјата зад Воениот стадион добија имиња по новороденчиња
Екипите на Град Скопје почнаа да поставуваат плочки со имињата на новородените деца на дрвјата во градските дрвореди, во рамки на проектот „Дрво за секое дете“.
На кејот на реката Вардар, зад Воениот стадион во Градскиот парк, денеска беа поставени 20-тина плочки на новите дрвја што беа засадени во минатата акција за зазеленување на градот.
– Денеска, заедно со родителите на пријавените дечиња, почна проектот „Дрво за секое дете“ што го работиме заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ и гинеколошко-акушерските болници во Скопје. Во наредниот период уште 300 дрвја во градските дрвореди и паркови ќе добијат плочки со имиња на новородените деца во чија чест е засадено тоа дрво. Особено се радувам што овие деца ќе растат истовремено со дрвјата и ќе можат да го следат растот на своето дрво. Со тоа, на симболичен начин сакаме да создадеме врска меѓу градот и неговите сегашни и идни граѓани. Плочките се напишани на јазикот што ќе го одберат родителите. Нам ни е битно детето да се врзе за овој град – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Тој ги повика идните родители да се пријавуваат во Град Скопје, да учествуваат во оваа благородна акција и да имаат свое дрво во главниот град.