„Друга Турција“: Како Ердоган доживеа голем пораз на локалните избори

Не само што опозицијата ги задржа Истанбул, Анкара и Измир, туку освои многу од упориштата на АКП во Анадолија и крај Црното Море


Поддржувачите на ЏХП слават во Истанбул (Фото: АП)

 

Главната турска опозициска партија му зададе неочекуван удар на владеењето на Реџеп Таип Ердоган во неделата со убедлива победа на локалните избори во Турција, задржувајќи ја контролата врз големите градови, вклучувајќи ги главниот град Анкара, Измир и Истанбул, каде Екрем Имамоглу обезбеди втор мандат како градоначалник.

„Драги мои истанбулци, денес ја отворивте вратата за нова иднина“, им рече Имамоглу на пресреќните приврзаници на неговата опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) кога прогласуваше победа. „Од утре Турција ќе биде поинаква Турција. Ја отворивте вратата за подемот на демократијата, еднаквоста и слободата… Ја запаливте надежта на гласачките кутии“.

Мансур Јаваш, градоначалникот на Анкара, го задржа своето место со неверојатни 29 поени разлика во однос на неговиот предизвикувач, покажаа резултатите.

Поволниот одѕив продолжи во корист на опозицијата како што изминуваше ноќта, а ЏХП обезбеди контрола на широк дел од западна Турција и постигна победи во поконзервативните региони покрај Црното Море и централна Анадолија, области кои традиционално се сметаат за непријателски настроени кон нејзината политика.

Што е уште поважно, вкупниот број гласови за ЏХП, која овој пат настапуваше сама, е за еден милион гласови повеќе од оној на владејачката АКП. Ова е прв ваков пораз на Ердоган во 20-те години власт. Со 99,8 отсто преброени гласови ЏХП освои 37,7, а АКП 35,5 отсто. Во гласови тоа е 17,3 на 16,3 милиони. ЏХП освои 13 метрополитански градови 21 провинции, додека АКП 12 градови и 12 провинции.

Резултатите станаа симбол на незадоволството од Ердоган, кој почна да ги мотивира своите поддржувачи за локалните избори веднаш по освојувањето на претседателската функција минатата година.

Ердоган беше во првите редови на кампањата на неговата партија за повторно заземање на Истанбул, одржувајќи митинзи во градот една недела пред гласањето и присуствувајќи на молитвите во симболичната џамија Аја Софија во Истанбул ноќта пред гласањето.

„Овие изборни резултати покажуваат дека гласачите одлучија да воспостават нова политика во Турција“, рече шефот на ЏХП, Озгур Озел, обраќајќи и се на јавноста со солзи во очите.

Во тивок говор пред придушената толпа пред седиштето на неговата партија во Анкара, Ердоган го пофали самото гласање наместо исходот. „Без разлика на резултатите, победник на овие избори е првенствено демократијата“, рече тој.

„За жал, не можевме да го добиеме резултатот што го сакавме на локалните избори… Сè се случува со причина. Ќе ја обновиме довербата на местата каде што нашата нација избрала некој друг“.

„За жал, девет месеци по нашата победа на изборите на 28 мај, не можевме да го добиеме резултатот што го сакавме на тестот за локалните избори“, додаде Ердоган. „Ќе ги исправиме нашите грешки и ќе ги поправиме нашите недостатоци“.

Тој вети дека ќе продолжи со економската програма воведена минатата година, која има за цел да се бори против инфлацијата.

Ердоган во еден момент им рече на насобраните: „Јас сум лудо заљубен во вас“.

Ѕвездата на Екрем Имамоглу

Имамоглу, ѕвездата на турската опозиција, го победи својот ривал Мурат Курум, поранешен бирократ и министер за животна средина од Партијата за правда и развој (АКП) на Ердоган, со значителна разлика во најголемиот турски град, каде што неговото место на градоначалник стана трн во око на турскиот претседател. Со преброени 98 отсто од гласовите градоначалникот на Истанбул го победува Курум со 12 проценти од гласовите – 51 наспроти 39 отсто.

Екрем Имамоглу ја задржа функцијата градоначалник на Истанбул

Низ Истанбул, возачите славеа со свирење на сирените на автомобилите, а видеа покажаа радосни луѓе како го рушат блиборд со ликот на Курум.

Десетици илјади луѓе запалија факели и вееја турски знамиња откако делумните резултати од локалните избори покажаа дека поддршката за владата е ослабена.

„Турскиот народ ги отвори очите и гласаше за оние кандидати кои размислуваат за турската економија, образованието и иднината на младите“, рече универзитетскиот студент Еге Ерсоз (19) за АФП на плоштадот Сарачане.

„Ова е само почеток. Ова е прв пат АКП да изгуби толку многу. Ако даде господ, ова ќе продолжи на претстојните избори“, рече тој, мислејќи на Партијата на правдата и развојот на Ердоган.

Големи толпи извикуваа пароли „Турција е секуларна и ќе остане секуларна“ и „Таип, оставка!“

Синан Улген, директор на тинк-тенкот Едам со седиште во Истанбул, рече дека „изненадувачкиот исход“ се должи на гласачите кои сакаат да ја казнат владејачката партија поради „длабочината на економската слабост“. Зголемената инфлација остави многу турски домаќинства да се борат да си дозволат основни добра.

Разочараноста излезе на површина

Поддржувачите на АКП избраа да се држат настрана од гласачките места или гласаа за други партии, рече Улген.

„Излезноста беше релативно мала во споредба со минатите избори“, рече тој. „Имаше меѓупартиски поместувања во гласањето, што не се случи на националните избори поради посилните идеолошки приврзаности. Овој пат економијата преовлада над идентитетот“.

Околу 61 милион луѓе, вклучително и повеќе од еден милион луѓе кои првпат гласаа, имаа право да гласаат за сите општини на метрополите, градоначалниците на градовите и областите, како и за администрациите на соседството.

Излезноста беше околу 78%, во споредба со 87% минатата година.

Околу 594.000 безбедносни лица беа на должност низ целата земја за да се осигураат дека гласањето ќе помине непречено. Сепак, едно лице загина, а 11 други се повредени во градот Дијарбекир.

„Овие резултати ќе ги стават Имамоглу и ЏХП во центарот на турската политика“, рече Јусуф Џан, аналитичар од Меѓународниот центар за научници Вудро Вилсон во Вашингтон.

И покрај тоа што името на Ердоган не беше на гласачкото ливче, гласачите ширум земјата ја искористија приликата да го изразат своето незадоволство од неговата политика, а многумина ја наведоа лошата економија на Турција како нивна мотивација за гласање за опозицијата или зголемениот збир на помали партии подалеку на десно од АКП.

„Тоа е звучна порака“, рече Селим Сазак, шеф на „Санда глобал“, консултантска компанија со седиште во Анкара која советуваше неколку кампањи за време на циклусот на локалните избори. „Гласачите ѝ кажуваат на владата дека економијата навистина им штети“.

Опозицискиот градоначалник на Анкара, Мансур Јаваш, го победи владиниот кандидат со огромни 29 отсто разлика (Фото: АП)

Нивната порака, додаде тој, е дека или Имамоглу или градоначалникот на Анкара, Мансур Јаваш, би можеле да донесат слична голема победа за опозицијата доколку ЏХП ги избереше за претседателски кандидати минатата година.

АКП го избра поранешниот министер за животна средина Мурат Курум, роден и израснат во Анкара, за да го предизвика харизматичниот градоначалник на Истанбул за место кое Ердоган го држеше од 1994 до 1998 година.

Сепак, некои од неодамнешните напади на Курум кон Имамоглу придонесоа за спротивен ефект, особено неговата одлука да му порача на градоначалникот дека треба „да оди да води продавница за ќофтиња“, во врска со популарната турска храна.

Имамоглу многу ги користеше коментарите на Курум за кампањата како доказ дека неговиот предизвикувач не е во контакт со просечниот истанбулец, велејќи им на толпата поддржувачи: „Знаете ли зошто ги сакам овие избори? И ќофтињата и министерот се еднакви [на гласачката кутија]“.

Напорите на Ердоган да се стави себеси во првите редови на борбата за враќање на Истанбул, исто така, имаа контраефект кај многу негови жители. Турција е зафатена од економска криза поврзана со неговата политика, онаа што најмногу го погоди населението во поголемите градови.

„Тој кучкин син сам ја подигна инфлацијата. Доста е“, рече еден гласач, Бурхан, кој побара да се сокрие неговото презиме. Тој рече дека претходно гласал за АКП, но овојпат се определил за Имамоглу бидејќи и понатаму не е задоволен од недостатокот на економски напредок од победата на Ердоган минатата година.

Имамоглу, популарна личност која се прогласува како можен иден предизвикувач на Ердоган, се кандидираше без поддршка од некои од партиите кои му помогнаа да победи во 2019 година. И прокурдската Партија за еднаквост и демократија на народите и националистичката партија ИЈИ имаа свои кандидати во трката. ИЈИ доживеа голем пораз, затоа што порано се движеше во границата на поддршка од 10 отсто, а на овие избори доби само 3,8. Харизматичната лидерка на партијата, Мерал Акшенер најави оставка.

Шестпартискиот опозициски сојуз кој беше предводен од ЏХП се распадна откако не успеа да го собори Ердоган на минатогодишните избори, не можејќи да ја искористи економската криза и првично лошиот одговор на владата на минатогодишниот разорен земјотрес во кој загинаа повеќе од 53.000 луѓе.

Улген рече дека резултатот го стави Имамоглу во улогата на можен лидер на опозицијата да го предизвика Ердоган за претседателската функција во 2028 година.

„Овој исход секако е пресврт за Имамоглу“, рече тој. „Тој ќе се појави како природен кандидат на опозицијата за претседателски избори.

Новата религиозно-конзервативна партија, Новата партија на благосостојбата, или ИРП, се чини дека привлече гласови од поддржувачите на АКП кои се разочарани од начинот на кој владата управува со економијата.

Во турскиот југоисток населен главно со Курди, партијата ДЕМ е на пат да освои многу општини, но не е јасно дали ќе и биде дозволено да ги задржи. Во претходните години, владата на Ердоган ги отстрани од функцијата избраните прокурдски градоначалници поради наводни врски со курдските милитанти и ги замени со повереници назначени од државата.

Аналитичарите рекоа дека силниот резултат на партијата на Ердоган би ја зацврстило неговата решеност да воведе нов устав – кој ќе ги одразува неговите конзервативни вредности и ќе му овозможи да владее по 2028 година, кога ќе заврши неговиот сегашен мандат.

Ердоган, кој претседаваше со Турција повеќе од две децении – како премиер од 2003 година и претседател од 2014 година – се залага за нов устав кој ќе ги стави семејните вредности на преден план. (Н.В.)