Дресот на Пеле од финалето на СП 1958 на аукција


Дресот што го носеше еден од најдобрите фудбалери во светот, Бразилецот Пеле, во финалето на Мундијалот во 1958 година, ќе биде понуден на аукција во „Сотби“ од 29 јуни до 16 јули.

Се проценува дека дресот би можел да достигне цена од над шест милиони долари.

Пеле го носеше синиот дрес со кратки ракави во победата на Бразил од 5-2 над домаќинот Шведска во финалето на Светското првенство 1958 кое се одигра на стадионот „Расунда“ во близина на Стокхолм. Пеле, тогаш 17-годишен, постигна два гола во финалето.

„Ова не е само дрес, туку е облека што ја носел еден од најголемите фудбалери во историјата во ноќта кога започна неговото владеење“, изјави раководителот на одделот на „Сотби“ за модерни колекционерски предмети. Брам Вахтер

Пеле му го подари дресот на својот цимер и соиграч Дида по финалето. По децении во семејството на Дида, дресот беше изложен во музеј пред да биде купен од анонимен сопственик во 2004 година.

Дресот на Пеле потенцијално би можел да ја надмине рекордната цена од 9.29 милиони долари, колку што беа платени за дресот на аргентинската легенда Диего Марадона од натпреварот против Англија на Светското првенство во 1986 година, кога го постигна легендарниот гол познат во светот на фудбалот како „Божја рака“.