Драмски ќе потпише партнерство со „Дајнерс клуб“ и организира крводарителска акција по повод Светскиот ден на театарот
По повод 27 Март – Светскиот ден на театарот, Драмски театар Скопје ќе потпише Договор за покровителство со Дајнерс клуб интернатионал Мак АД Скопје, означувајќи почеток на ново партнерство во рамки на одбележувањето на 80-годишнината на театарот. Настанот се оценува како значаен чекор во унапредувањето на културната соработка и поддршката на театарската уметност, како и поттик за развој на нови проекти и активности во интерес на публиката.
По потпишувањето на меморандумот, предвидени се изјави за медиумите од директорот на театарот, Роберт Вељановски и директорот на Дајнерс клуб интернатионал Мак АД Скопје, Тони Јанковски.
Одбележувањето на Светскиот ден на театарот веќе започна со организирани посети на деца од предучилишна возраст и ученици од основно училиште, со цел да се доближи работењето на театрите до најмладата публика.
Под мотото „Дарувај крв – одиграј ја најхуманата улога!“, во соработка со Црвен крст на РСМ – Општинска организација Карпош, Драмски театар денеска од 11 до 17 часот организира хуманитарна акција за дарување крв. Целта е да се поттикне свеста за значењето на крводарителството и да се помогне во спасување човечки животи.