Драма на летот на Урсула фон дер Лајен: Авионот остана без ГПС над Бугариja, сомнежите се кон Кремљ
За да слетаат на аеродромот во Пловдив пилотите морале да користат хартиени мапи. Ова е уште еден од редицата инциденти со попречување на ГПС

Сомнителен руски напад насочен кон Урсула фон дер Лајен ја оневозможил навигацијата на нејзиниот авион на бугарскиот аеродром и ги принудил пилотите да слетаат користејќи хартиени мапи, објави „Фајненшл тајмс“.
Авионот која ја носеше шефицата на Европската комисија кон бугарскиот град Пловдив ги изгубил своите електронски навигациски помагала во неделата попладне додека се приближувал кон градскиот аеродром, а тројца службеници запознаени со инцидентот рекоа дека се третира како руска операција на мешање.
„ГПС над целата аеродромска област се исклучи“, рече еден функционер. Откако еден час кружел околу аеродромот, пилотот на авионот одлучил да слета користејќи аналогни мапи. „Нема сомнение дека станува збор за мешање“, рече истиот извор.
„Фајненшл тајмс“ побара коментар за овој инцидент од Кремљ и Европската комисија. Бугарскиот орган за контрола на воздушниот сообраќај го потврди инцидентот за „Фајненшл тајмс“.
„Од февруари 2022 година, има значително зголемување на блокирањето на (ГПС) сигналите, а неодамна и на фалсификувањето на сигналите“, соопшти аеродромот. „Овие пречки се мешаат во точниот прием на (ГПС) сигналите, што доведува до разни оперативни предизвици за авионите и копнените системи“, тврдат тие.
Таканареченото блокирање и лажирање на ГПС, кое го нарушува или спречува пристапот до сателитскиот навигациски систем, традиционално го користат воените и разузнавачките служби за одбрана на чувствителни локации, но сè повеќе го користат земји како Русија како средство за нарушување на цивилниот живот.
Европските власти предупредија дека растечкото ГПС блокирање, за кое се обвинува Русија, претставува ризик од голема воздушна катастрофа бидејќи ги „заслепува“ комерцијалните авиони во лет.
Инцидентите со ГПС блокирање значително се зголемија во Балтичкото Море и источноевропските земји во близина на Русија во последните години, што влијае на авионите, бродовите и цивилите кои ја користат услугата за секојдневна навигација.
Фон дер Лајен отпатува од Варшава за Пловдив за да се сретне со премиерот Росен Жељасков и да посети фабрика за муниција. Претседателката на комисијата ги посети земјите од ЕУ на фронтот за да разговара за напорите за подобрување на одбранбените капацитети на блокот како одговор на војната на Русија во Украина.
„(Рускиот претседател Владимир) Путин не се променил и нема да се промени“, рече Фон дер Лајен во Бугарија за време на прес-конференцијата во неделата. „Тој е предатор. Може да се држи под контрола само со силно одвраќање“, рече таа.
Бугарија беше еден од најважните европски добавувачи на воена опрема за Украина, прво со оружје од советската ера во првите месеци од војната, а сега со артилерија и други производи произведени од огромната одбранбена индустрија на земјата. Фон дер Лајен рече дека една третина од оружјето што шристигнувало во Украина доаѓало од Бугарија.
Фон дер Лајен го напушти Пловдив со истиот авион по посетата без инциденти.