Драган Б. Костиќ, радиоводителот кој остави печат пет децении, почина на 75 години
Човекот чија препознатлива најава „Драган Б со точка Костиќ“, е врежана во македонското радио и општество, почина денеска на 75 години по кусо боледување.
Во времето кога Радио Скопје, а потоа Македонското радио, беше незаобиколлив дел од живеењето на секое семејство во државава Драган Б. Костиќ се етаблира како водител во светот на рокенролот и другата музика кој го знаеше речиси секој човек. Неговата емисија „Диско селектор“ со децении беше водич во музиката и на младите и на постарите.
Поседувајќи огромна колекција плочи, главно набавувани во странство, Драган Б. Костиќ им ги претставуваше сите нови моменти, сите нови бранови, сите музички револуции, сите потсетувања на клучните музички моменти и од 50-те и 60-те за овдешната јавност да биде во тек со настаните во светот и културно да се образува и да го следи она што се случуваше на Западот.
Неговата „просветителска“ улога е речиси незаменлива за ова општество. Преку Драган Б. Костиќ македонската младина, а и повозрасните, се чувствуваа како дел од светот, особено во времето на социјализмот. Тогаш немаше ни интернет, немаше ни претстава дека такво нешто може да дојде, па едукацијата на Костиќ преку неговите емисии „Диско селектор“ и „Заборави ако можеш“ беа и меѓници и стожери.
И подоцна, кога веќе беше во пензија, тој не престана со својата „мисија“, ја имаше својата телевизиска емисија „Б со точка“ на ТВ 24.