Доскорешната лидерка на бугарските социјалисти, Корнелија Нинова, е исклучена од партијата
Неславен крај на Корнелија Нинова, коа долги години ја подеше Бугарската социјалистичка партија. Таа ѝ наметна на партијата националистички, популистички и проруски ставови, кои од моќен политички субкет ја доведоа до маргинална политичка сила. Денеска БСП ја исклучи од своите редови.
Нинова, која поднесе оставка по неуспехот на социјалистите на последните избори и на нејзино место привремено дојде Атанас Зафиров, во неделата беше исклучена од партијата. Ова се случи по две гласања на Националниот совет на БСП во неделата. Во првиот предлогот за нејзино исклучување имаше 102 гласа, во вториот со 105 гласа.
Ваквиот развој на настаните дојде откако Нинова презеде рискантна игра за новите избори на 27 27 октомври и овласти двајца нејзини пријатели да ја регистрираат партијата, бидејќи актуелниот претседател Зафиров сè уште не е официјално регистриран и поради тоа има правен конфликт.
Исклучени беа и уште неколку нејзини најблиски соработници.
Извршниот совет на социјалистите се состана еден ден пред почетокот на пријавувањето за парламентарните избори и најпрво одлучи да ја задолжи Нинова да го овласти вршителот на должноста претседател Атанас Зафиров да ја претставува партијата пред државната изборна комисија. Од неа се бараше да го повлече полномошното кое претходно им беше дадено на нејзините блиски соработници Георги Свиленски и Иван Ченчев, што практично и овозможува преку нив да интервенира во средувањето и регистрацијата на списоците на левицата.
Но, таа одби да ја исполни волјата на раководството на БСП, поради што беше исвиркана од присутните на состанокот и со тоа се отвори патот за нејзино исклучување од партијата.
Нинова пред почетокот на средбата се појави во седиштето на БСП со црвена роза – симболот на партијата – во раката и на своите поддржувачи им порача дека сака партискиот конгрес да се одржи на 28 септември. Но, тоа беше отфрлено малку подоцна со над сто гласови против и само 25 „за“.
Во исто време, протест за поддршка на Нинова се одржува пред седиштето на партијата, каде има полиција.