Долги редици на германските аеродроми поради пад на системите за гранична контрола


На неколку аеродроми во Германија се забележани долги редици поради прекин во националниот информатички систем на федералната полиција, кој се користи за гранична контрола и проверка на патници.

– Во моментов имаме прекин во целиот систем на национално ниво, изјави портпарол на федералната полиција. Тој нагласи дека службениците се принудени рачно да обработуваат документи на патници кои пристигнуваат од земји надвор од Шенген зоната.

Проблемот предизвика значителни доцнења, особено на аеродромот во Франкфурт, најфреквентниот во земјата.

– Колегите се принудени рачно да вршат многу активности што претходно ги извршуваше системот. Сепак, моментално успеваме да се справиме, прецизираше портпаролот.

Причината за прекинот не е позната. Аеродромот во Берлин потврди дека патниците од земји надвор од Шенген зоната чекаат подолго на граничната контрола.

„Од околу 14 часот по локално време имаме прекин во системите за гранична контрола за летови од и кон зони надвор од Шенген“, изјави портпарол на аеродромот во Дизелдорф, додавајќи дека на патниците им се нудела вода.

Локалните медиуми известуваат дека некои патници чекале по два часа, а други биле задржани во авионите.