Доларот паѓа втора недела по ред


На глобалните девизни пазари, доларот ослабе во однос на главните валути минатата недела, бидејќи најновиот извештај за инфлацијата во САД ги поддржа очекувањата дека Федералните резерви ќе ги намалат каматните стапки за прв пат оваа година во септември, што значи дека приносот на доларот е помал од другите глобални валути.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на доларот во однос на шест главни валути, падна за 0,44 проценти минатата недела на 97,84 поени, што е втор последователен неделен пад.

Еврото зајакна за 0,5 проценти во однос на доларот, на 1,1697 долари. Американската валута, исто така, ослабе во однос на јапонскиот јен, за 0,37 проценти, при што доларот се лизна на 147,18 јени.

Клучниот извештај за инфлацијата на потрошувачки цени во САД покажа дека инфлацијата е стабилна на годишна стапка од 2,7 проценти во јули, 0,1 процентен поен пониско од предвидувањата на економистите. Тоа, заедно со слабоста на американскиот пазар на труд, минатата недела ги зголеми очекувањата дека Федералните резерви ќе ги намалат каматните стапки за четвртина процентен поен и евентуално уште два пред крајот на годината.

Според CME FedWatch, паричните пазари проценуваат веројатност од 93 проценти за намалување на стапката од четвртина процентен поен во септември. Намалувањето на стапката од страна на Федералните резерви во септември, првото оваа година и евентуално уште едно пред крајот на годината, останува основна прогноза за повеќето економисти анкетирани од Ројтерс, во услови на растечка загриженост за здравјето на најголемата економија во светот.

„Ризиците од рецесија остануваат ниски, но мислам дека е мудро Федералните резерви да заземат понеутрален став и да ги намалат каматните стапки на претстојните состаноци“, изјави Џефри Роуч, главен економист во LPL Financial.

Сепак, според некои аналитичари, не станува збор само за каматните стапки. Морган Стенли проценува дека премијата за ризик на доларот моментално е 6 проценти, во споредба со опсегот од 5 до 9 проценти од април. Таа инвестициска банка сега гледа многу простор премијата за ризик да се врати на тие максимуми или дури да ги надмине, што потенцијално ќе ја ослаби американската валута. Инвеститорите веќе сè повеќе ги заштитуваат своите инвестиции во американски средства од ризици од девизниот курс, забележува Ројтерс.

Од друга страна, повеќето аналитичари очекуваат еврото да има корист од каков било договор за прекин на огнот во Украина.

„Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин и секоја поголема јасност за патот што претстои во конфликтот во Украина имаат долгорочни импликации за еврото отколку за доларот. Постои можност нивниот состанок во петок да биде првиот чекор во насока на деескалација“, рече Франческо Песоле, стратег за девизен курс во ING.