Дојран ќе добие инклузивна плажа


Фото: Б. Грданоски

Во рамки на проектот „Пристапност и инклузија за сите до јавните туристички добра и услуги” (TX4ALL) во кој учествува Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, ќе се направи инклузивна плажа на брегот на Дојранското Езеро. Проектот се спроведува преку Интеррег VI-A ИПА Програмата помеѓу Македонија и соседна Грција.

Како што соопштија од Центарот за Југоисточниот регион, на почетниот состанок одржан во Солун, организиран од водечкиот партнер, Институтот на Националната конфедерација на лица со попреченост од Грција, презентирани се проектните тимови и активностите кои се планираат. Проектот има за цел да реализира повеќе активности насочени кон подобрување на пристапноста во туризмот.

Покрај создавање на инклузивна плажа на Дојранското Езеро, меѓу другото предвидени се и набавка на електрични возила за разгледување на туристички локации во југоисточниот регион, поставување на 14 универзално пристапни знаци за насочување, како и набавка на 18 мобилни рампи за општините во регионот.

Од Центарот посочуваат дека проектот TX4ALL претставува значаен чекор кон создавање на подостапен, поинклузивен и одржлив туризам, кој ќе овозможи еднаков пристап до туристичките услуги за сите граѓани.