„Добредојдовте на романтика“ и „Животот вечерва е жолт“: Делириум со Владо и Бајага на концертот во Скопје
Синоќа, Скопје, на истур дожд и ниту едно место за паркирање, на најдобар можен начин ги прослави Денот на виното и на љубовта
Кога животот во Македонија некогаш ви е сив, а некогаш жолт, викнете ги Бајага и Инструктори да го наполнат „Борис Трајковски“ до последно место „с неком од наших песама“ и маестрално музицирање, и животот барем една вечер, ќе стане розов. „Јер овај живот ја кратак и прозуји за час“.

Синоќа, Скопје, на истур дожд и ниту едно место за паркирање, на најдобар можен начин ги прослави Денот на виното и на љубовта. „Авалон“ прв пат на сцената заедно ги спои домашниот и регионалниот хитмејкер Владо Јаневски и Бајага, секој со своја публика, ама заедничко им беше квалитетниот и незаборавен настап. Концертот беше придружен со прекрасни видеа на бимот за секоја песна на изведувачите, со впечатливи светлосни ефекти и (не) совршен звук.

Владо Јаневски, облечен во блуза и розови фармерки, како„загревање“ за Бајага, докажа дека е нашиот поп-пејач со најголеми хитови и верна публика, а таа во еден глас два часа пееше со него на сите брзи песни и балади кои ја обележаа неговата кариера. Се редеа буквално сите негови хитови од „Напрај место“, до пред крај со „Црно тиквешко“, и за накрај новата балада „Принчипеса“.

Најавените четири часа , продолжија со концертот на Бајага, облечен стандардно по маица, и неговите „Инструктори“. „Године пролазе“ , а хитовите на Бајага како одличен текстописец се актуелни и по 40 години, и веќе ни звучат како симфонија. Својот дел од оваа вечер тој ја започна со „Град“, а на репертоарот беа искомбинирани понови и постари песни. „Берлин“, „Тишина“, „Марленка“, „Са друге стране јастука“, „Тамара“, „Дарја“, „Моји су другови“, „Плави сафир“… Заедно со верните членови, гитаристот и пејач Живорад Миленковиќ – Жика и клавијатуристот Александар Локнер .

„Да смо живи и здрави још година сто, да је песме и вина и да нас чува бог, да су најбоље жене увек поред нас“ како што пееше Бајага, и да дочекаме уште еден ваков концерт во сиво-жолтото Скопје. Од денес „друга песна“.

Некогаш и негде… ќе повториме!“, споделија на нивната ФБ страница.



