Дојави за бомби во училиштата во Република Српска, децата не се на часови
Неколку десетици основни и средни училишта во Република Српска денеска добија пријави за поставени експлозивни направи, поради што таму не се одржува настава, а полицијата проверува дали заканите се базирани на факти.
Полициската управа во Бања Лука соопшти дека утринава добила повеќе пријави за поставени експлозивни направи на електронските адреси на основните и средните училишта во градот, а слични закани добиле и основните училишта низ Република Српска.
Децата не одат на училиште
„По горенаведените пријави полициските службеници постапуваат согласно Упатството за постапување на припадниците на Министерството за внатрешни работи во случај на закана од експлозивна направа или други опасни средства“, соопшти полицијата во Бања Лука.
Родителите на ученици се известени дека нивните деца нема да посетуваат настава во првата смена поради антиексплозивни увиди што ги спроведува полицијата. Децата кои ќе дојдат на училиште ќе бидат пратени дома. Од училиштата велат дека нема потреба од паника.
Дојави за бомби пристигнаа утрово на адресите на неколку основни и средни училишта во Бања Лука, како и во Добој и Зворник.